Домашен притвор за Јахоски бидејќи е татко на три малолетни деца и имал цврсти врски со државата

од Nikola Popovski
316 прегледи

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција објасни зошто била определена мерка куќен притвор за Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко Петрол“ за случајот со канцерогениот мазут. Наведени се неколку причини. Се истакнува дека Обвинителството барало притвор за сите обвинети лица.

-Во образложението на Решението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација.

Сите овие околности, како што е истакнато во решението, одат во прилог на намален ризик од бегство и во насока на оправданост за определување на поблага мерка за обезбедување на присуство. Така, Судијата на претходна постапка не прифаќајќи го предлогот на обвинителството одлучил на осомничениот да му изрече мерка куќен притвор, а воедно оценил дека се исполнети условите да му биде изречена и мерка на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа, соопштија од ОЈО ГОКК за одлуките на Основниот кривичен суд Скопје.

Кривична пријава добија вкупно 13 лица, 11-мина се уапсени, еден е во бегство, друг во притвор. Се сомничат дека сториле кривични дела поврзани со увоз на сомнителни набавки на деривати кои нанеле огромна штета на животната средина, здравјето на луѓето, а преку фиктивни договори за позајмици направиле милионска штета.

-Нанеле штета на буџетот во износ од 167,5 милиони евра, соопштуваат од Обвинителството.

На Ратко Капушевски, Адриан Муча и Ерџан Сулкоски им е определен притвор, соопшти Кривичниот суд во Скопје. Поранешниот директор на ЕСМ, Ковачевски веќе е во бегство и е баран за вмешаност во случајот „Адитив“.

Премиерот Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос акцијата на МВР за случајот и мерките издадени од судот, изјави дека секој кој се огрешил пред законот треба да одговара.

-Не би ги коментирал одлуките на судот. Тоа сум го кажал многу пати во минатото. Но, можам да кажам дека овие луѓе коишто правеле стотици милиони евра бизнис на грбот на граѓаните, практично се богателе на грбот на македонските граѓани со тоа што користеле, ете такви недозволиви, би рекол, средства и согорувале таков тип на недозволиви материи со што го загрозувале животот и го уништувале единственото право на живот коешто е уставно гарантирано за сите граѓани, изјави Мицкоски.

Нагласи дека довербата во судството е таква каква што е, но секој оној којшто се огрешил пред законот ќе одговара, без разлика за кого станува збор.

Слични содржини