Реформската агенда 2024–2027 се фокусира на јакнење на институциите, подобро управување и поефикасен пристап до европски фондови. Пратениците на собраниската комисија за европски прашања денеска истакнаа дека овие реформи не се само чекор кон ЕУ, туку внатрешна потреба за стабилна и праведна држава.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, посочи дека Македонија сè уште е вредносно далеку од ЕУ, но дека откажување не е опција. Потребна е сериозна посветеност и промени одвнатре. Антонио Милошоски, претседател на комисијата, повика на реален и балансиран пристап – да се пофалат успесите, но и да се посочат слабостите со аргументирана критика.
Меѓународната заедница даде поддршка, но и порача, време е за конкретни резултати, не само изјави. Интеграцијата е остварлива, а 2030 година може да биде пресвртна точка. Меѓународната заедница ја поддржа Реформската агенда, но со јасно очекување, повеќе конкретни чекори, помалку празни зборови. Амбасадорката Улман нагласи дека парламентот мора да покаже единство и лидерство во евроинтеграциите, додека амбасадорот Нупнау ја пофали Македонија што прва го потпишала договорот за Планот за раст. Според поранешниот хрватски преговарач Владимир Дробњак, македонската ЕУ перспектива е реална, проблемите се решливи, особено преку членство. Пратениците се согласија, реформите мора да продолжат, водени од интересите на граѓаните.