Голманот на Пари Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума изјави дека периодот по испаѓањето од Лигата на шампионите бил многу тежок за тимот. Тимот беше елиминиран од Реал Мадрид во осминафиналето со вкупен резултат 2:3.
„Ја разбираме фрустрацијата на навивачите, а знаеме и дека такви работи се случуваат во фудбалот. Треба да одиме напред, и токму тоа се обидуваме да го направиме. Тешко е, но имаме одлични играчи во тимот. Сите сме тажни поради испаѓањето, но мораме да гледаме во иднината и добро да ја завршиме сезоната, да им донесеме радост на навивачите и повторно да најдеме задоволство од играта“, коментира Донарума пред клупската веб-страница на ПСЖ.
„Тренираме добро и работиме напорно. Подготвени сме за последната фаза. Не смееме да заборавиме дека и освојувањето на првенството е меѓу нашите главни цели и тоа не е лесно. Обединети сме и заедно стануваме посилни“, додаде тој.
„Кога поминувате низ тешки времиња, какви што имавме ние, се обидувате да ги разберете причините за тоа што се случи. Знам дека сум млад, и тоа е дел од искуството што го имам. Треба да станеме подобри како тим и да гледаме напред“, изјави голманот на Пари Сен Жермен.
Тој беше дециден дека француското првенство е многу вредно за ПСЖ.
„Ова би била десетта титула за клубот и очигледно е многу важно добро да се заврши сезоната за да се освои трофејот. Остануваат уште осум одлучувачки средби и тоа мора да го сфатиме многу сериозно. Нема да биде лесно, но ќе дадеме се од себе за да победуваме. Не чека битка до самиот крај. Се зголемува и тензијата бидејќи секој натпревар е како финале. Но, ние имаме искуство во првенството и добро ќе се подготвиме“, изјави италијанскиот чувар на мрежата.