Дончиќ не го освои прстенот, но постигна нешто нереално

од Vladimir Zorba
2,6K прегледи

Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ зад себе има неверојатен НБА плејоф во кој беше неприкосновен најдобар играч на Далас Маверикс. Избраниците на Џејсон Кид не успеаја да стигнат до титулата бидејќи беа поразени со 4-1 во финалната серија од тимот на Бостон Селтикс.

Дончиќ играше променливо во финалето, а по некои порази беше мета на критики и од јавноста во САД – причина за тоа беше неговата дефанзивна игра и пречестите расправии за судиските одлуки. Сепак, статистиката јасно покажува дека неговиот настап во плејофот во 2024 година бил – историски.

Овој 25-годишник од Љубљана е првиот играч во историјата на НБА плеј-офот кој забележал најмногу поени, скокови, асистенции и украдени топки во целиот плеј-оф!

„Тажен сум затоа што загубивме. Тоа е тоа. Не беше важно колку сум повреден или дали воопшто сум повреден. Бев на теренот и се обидов да играм. Сепак, не направив доволно“, изјави словенечкиот претставник по финалето на НБА.

Во петтиот натпревар од финалната серија, во кој Бостон го победи Далас со 106:88 и ја освои 18. шампионска титула во НБА, Дончиќ забележа 28 поени (12/25 од поле), 12 скока и 5 асистенции, со 7 загубени топки.

Вкупно, на 21 натпревар во плејофот во 2024 година, Дончиќ ја имаше следната статистика: 28,8 поени (44,5% од поле, 32% за три), 9,3 скока, 8,2 асистенции и 4 загубени топки.

Слични содржини