Сите четири Гренд слем турнири воведуваат правило за тај-брејк до 10 поени во одлучувачкиот петти сет на едногодишен пробен период, почнувајќи од овогодинешниот „Ролан Гарос“ кој започнува на 22 мај, соопшти Извршниот одбор на четирите најголеми турнири.
Продолжениот тај-брејк ќе се игра при резултат 6:6 во петтиот сет за тенисерите, а во третиот за тенисерките. Ова е историска промена кога станува збор за вториот Гренд слем за годинава, бидејќи досега не е одигран тај-брејк во одлучувачкиот сет во Париз.
„Оваа одлука е донесена врз основа на силна желба да се зголеми конзистентноста на правилата на Гренд слем турнирите. По една година планираме да работиме со ВТА, АТП и ИТФ за да видиме што донесе оваа промена и евентуално трајно да ја воведеме“, соопштија од ИО.
Досега секој Гренд слем турнир имаше свое правило во петтиот сет. Така на Австралија опен од 2019 година се игра на тој начин што при резултат 6:6 во решавачкиот сет се игра продолжен тај-брејк, на Вимблдон одлучувачкиот тај-брејк е воведен во 2019 година, но при резултат 12:12, на Ролан Гарос, правилото отсекогаш било дека победникот во одлучувачкиот сет мора да освои најмалку два гема повеќе од противникот, додека на УС Опен од воведувањето на тај – брејкот во 1970 година, во решавачкиот сет се играло класичен тај-брејк до освоени седум поени.