Донесена одлука за Бахмут: Зеленски ги праша командантите, еве што одговорија тие

од Stefanija Kuzmanovska

За продолжување на борбите во Бахмут и утврдување на позициите во градот се изјаснија врховниот командант на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни и командантот на копнените сили на вооружените сили на Украина, Александар Сирски.

Ова денеска го соопшти прес-службата на претседателот на Украина, Владимир Зеленски, откако во медиумите се појавија информации за несогласувањата меѓу Зеленски и Залужни.

Зеленски, претседател на штабот на Врховниот командант, на чиј состанок „посебно се разговараше за ситуацијата во Бахмут“, им поставил прашање на Залужни и Сирски за понатамошните дејствија на вооружените сили на Украина во овој регион.

„Тие (Залужни и Сирски) го поддржаа продолжувањето на одбранбената операција и натамошното зајакнување на нашите позиции во Бахмут“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на украинскиот претседател.

Претходно весникот „Билд“, повикувајќи се на свои извори, објави дека ситуацијата околу Бахмут предизвикала спорови меѓу Зеленски и Залужни.

Според германскиот весник, Залужни пред неколку недели разговарал со Зеленски за потребата украинските трупи да се повлечат од Бахмут. Меѓутоа, претседателот на Украина имал поинаков став по ова прашање.

Бахмут се наоѓа во делот на Донбас под контрола на Украина и е важен транспортен центар за снабдување на групата украински војници во источна Украина.

Слични содржини