Донесена одлука за пренамена на буџетски средства во износ од две милијарди денари за реализација на 66 проекти во најголем дел од општините во Северна Македонија

од Radmila Tasevska
328 прегледи
Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница донесе одлука за пренамена на буџетски средства во износ од две милијарди денари коишто ќе бидат насочени за реализација на 66 проекти во најголем дел општини низ целата држава, меѓу кои Град Скопје,  Центар, Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Охрид, Македонски Брод, Битола, Крива Паланка, Штип, Липково, Кичево, Валандово, Струмица, Росоман, Дојран, Берово, Делчево, Желино, Гостивар и други.
Со одлуката, предвидено е овие средства да бидат наменети за реализација на проекти со коишто ќе се излезе во пресрет на потребите на граѓаните на локално ниво, како изградба и доградба на образовни и здравствени институции, спортски објекти, потоа реализација на проекти од областа на инфраструктурата, како и проекти од областа на заштита на животната средина со коишто се влијае на подобрување на здравјето на граѓаните.
Од проектите во делот на патната инфраструктура, вкупно 360 милиони денари од Министерството за транспорт и врски ќе се доделат на Град Скопје за изградба на булевар „Хасан Приштина” во населбата Визбегово. Меѓу поголемите проекти, Министерството за транспорт и врски ќе пренамени 110 милиони денари за реконструкција на улица „8 Септември” во Горно Оризари, Битола. Средства ќе бидат наменети и за довршување на мостот „Љубљанска” во Скопје. Министерството за образование и наука пренаменува 100 милиони денари за доградба и надградба на ООУ „Блаже Конески” во општината Аеродром, а со средства од ова министерство планирана е изградба на ОУ „Климент Охридски” во село Драчево и изградба на ново основно училиште „Крсте Мисирков” во Сингелиќ, Општина Гази Баба.
Со средства од Министерството за образование и наука ќе се гради спортска сала во ОУ „Ванчо Николески” во село Лескоец, Охрид, како и реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ОУ „Кочо Рацин” во Охрид.
Ќе се градат и нови градинки. Со средства од Министерството за труд и социјална политика во износ од 60 милиони денари ќе се гради нова детска градинка со капацитет за 100 деца во рамките на ЈОУДГ „Росица” во Стопански двор, Општина Ѓорче Петров.
Предвидени се и доградби и надградби и на детски градинки во Општина Аеродром.
Во Прилеп, со средства од Министерството за животна средина и просторно планирање во износ од 90 милиони денари ќе се гради фабрика за рециклирање отпад. Од областа на животната средина, предвидена е изградба на пречистителни станици во Чучер Сандево и во Пласница.
Во Општина Илинден ќе се реконструира тамошната амбуланта, за што се предвидени осум милиони денари кои Министерството за здравство ќе ги издвои за оваа намена.
Со владината одлука предвидена е и изградба на спортска сала во Општина Штип со средства од Агенцијата за млади и спорт.
Владата на Република Северна Македонија се грижи за граѓаните и за нивните потреби во сите општини. Инвестираме во подобрување на квалитетот на живот насекаде низ нашата држава.

Слични содржини