Донесени измените во законот: Интернет-порталите станаа официјални медиуми

од Nikola Popovski
33 прегледи

Собранието со 69 гласа „за“ и поддршка од 15 пратеници од немнозинските заедници ги усвои измените и дополнувањата на Законот за медиуми. Новините се однесуваат првенствено на регулирање на интернет-порталите, кои за првпат се вклучуваат како официјални медиуми со обврска да се регистрираат во посебен Регистар што ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Додека предлагачот на измените на Законот, Министерството за дигитална трансформација, ги бранеше решенијата, медиумските здруженија имаа забелешки за дел од предложените решенија. Главен камен на сопнување беше бројот на вработени кои мора да ги има еден интернет-портал за да биде впишан во Регистарот на издавачи на онлајн медиуми кој ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Овие измени се донесени на иницијатива на здружението Онлајнмедиа.мк, чии членови подолго време лобираа за донесувањето на овие измени.

Првично предложеното законско решение предвидуваше интернет-порталите да имаат најмалку тројца вработени со полно работно време, но по реакциите од медиумската заедница, посебно од локалните и помали портали, тој број е намален на два. За медиумите со „мал или специјализиран опфат“, доволно ќе биде да имаат едно лице вработено полно работно време и едно лице ангажирано со договор на дело.

За интернет-порталите кои ќе влезат во Регистарот ќе има податоци за фирмата и седиштето, односно назив и адреса на издавачот на онлајн медиумот, име и презиме на одговорното лице на издавачот на онлајн медиумот, името на онлајн медиумот, интернет-адреса на онлајн медиумот, а услов за влез во Регистарот е и онлајн медиумот да биде регистран на македонскиот мк или мкд интернет-домен.

Слични содржини