Коридорот 8 е важен комуникациски канал кој ќе обезбеди врска меѓу граѓаните и бизнисите на Бугарија, РС Македонија и Албанија. Во услови на потенцијална енергетска и прехранбена криза, од витално значење е да се обезбедат патишта за снабдување.
Ова го изјави бугарскиот технички премиер Галаб Донев на свеченоста по повод почетокот на изградбата на источниот дел на железничкиот Коридорот 8, делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.
-Во текот на изминатите 140 години, реализацијата на инфраструктурата и поврзаноста на денешниот Коридор 8 беше амбиција на генерациите од двете страни на границата. Од суштинско значење е да се зборува за Коридорот 8 во сите негови димензии како важен комуникациски канал кој ќе обезбеди поврзување меѓу граѓаните и бизнисите на Бугарија, РСМ и Албанија, потенцирал Донев.
Тој додал дека во исто време и во овие услови за прв пат во историјата на Бугарија и РСМ, се очекува трговската размена да достигне 1 милијарда евра на крајот на годината, објави Донев и прашал: Замислете каков би бил резултатот ако меѓу Бугарија и РСМ веќе постоела развиена инфраструктура.