Дополнетиот Предлог-Буџет за 2023 влегува на пленарна седница

од Nikola Popovski
167 прегледи

Собранието денеска ќе ја одржи 97. пленарна седница закажана за во 11 часот, на која на дневен ред е Дополнетиот предлог буџет на Република Северна Македонија за 2023 година.

Дополнетиот предлог на буџет е нов интегрален текст во кој Владата ги вградила прифатените амандмани и потребните измени и дополнувања на Предлог буџетот.

Министерството за финансии прифати неколку амандмани, но во видоизменета форма, а дел од предлагачите ги повлекоа своите амандмани, но можни се нови блокади од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ бидејќи и самата расправа на комисјата траеше долго бидејќи тие предложија најголем дел од 263-те амандамани, меѓу кои беше и предлогот за изградба на едно училиште, кое веќе е изградено.

Амандмани имаше и од СДСМ кои бараа да се зголеми сумата за студентскиот оброк од 120 на 160 денари, но и подобрување на условите во студентските домови.

Она што е новина е што Буџетот 2023 е прв од реформирамиот Закон за буџет со кој се најавени крупни промени во управувањето со парите на граѓаните. Поточно и поконкретно, Буџетот 2023 е официјално првиот среднорочен буџет кој ја утврдува рамката за пошироката слика  во која се „насликани“ актуелните и претстојните предизвици за македонската економија, а 2023 е трета година за којашто се креира буџет во услови на глобална економска криза.

Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.

Слични содржини