Досега вакцинирани 4502 Македонци во Врање

од Берта Китинска
318 прегледи

Освен граѓанитe на Србија кои можат да изберат помеѓу 4 типа на вакцини и честопати без закажување да ги примат не само на пунктови за вакцинација, туку и во автобуси за вакцинација и трговски центри,голем број на странци се одлучуваат да дојдат во Србија и да ја примат својата доза на вакцина.

Масовната вакцинација на македонските државјани продолжи и викендов кај соседите каде нашите државјани бесплатно се вакцинираат без пријавување само со потребните лични документи, јави дописникот на МИА од Белград.

Најголем број се упатуваат на вакцинација во Врање, каде на избор им се вакцините на „Фајзер“ и „Синофарм“.

Според извештајот на Здравствениот дом во Врање, во саботата, на 12 јуни бројот на вакцинирани граѓани на Северна Македонија е 581, а во неделата имунизиран е 391 Македонец.

-Досега 4502 македонци се вакцинирани во Врање, изјави лекарот Д-р Слаѓан Младеновиќ од Здравствениот дом, кој додаде дека граѓаните на Македонија кои ја примиле првата доза во Ниш, Белград или некој друг град, нема да можат да се ревакцинираат во Врање, туку во градот каде што ја примиле првата доза.

-Во салата има масовна вакцинација на Македонци и наши луѓе. Доаѓаат дури и млади луѓе на возраст од 18 или 19 години. Тие сериозно ја сфатија вакцинацијата. Многу е важно младите да бидат вакцинирани и со цел да се прекине ланецот на пренесување на вирусот. Драго ми е што Македонците ја разбраа важноста на вакцината, тие доаѓаат масовно без да закажат состанок. Тие се трпеливи. Го зголемивме бројот на тимови за вакцини колку што можевме. Дадовме се од себе. Ова е прва доза, а допрва ќе има и ревакцинации, изјави директорката на Здравствениот дом, д-р Марина Ѓикиќ.

Според „Јужни вести“, македонските граѓани во помал број доаѓаат и во Ниш и Сурдулица, каде во салата „Чаир“ од 8 до 20 часот дневно се вакцинираат околу 100 македонски граѓани, со вакцините на „Фајзер“ и „Синофарм“.

Од Здравствениот центар во Ниш наведуваат дека поголема гужва се очекува од 18 до 21 јуни, кога е терминот за повторна вакцинација на 5700 македонските граѓани кои во март во Србија ја примија „Астра Зенека“, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.

Слични содржини