Испораката на првата група вакцини за коронавирус во Бугарија стана причина за потсмев и критика, пред се на Интернет, но и меѓу политичарите.
Вакцините на компаниите „Фајзер“ и „Бајонтек“ пристигнаа во Бугарија на 26 декември, а веднаш потоа започна вакцинацијата во Софија, Пловдив и Бургас.
На граѓаните не им избега фактот дека вакцините биле испорачани во Пловдив во советски фрижидери и комбиња на компанијата „Леки“, која инаку продава виршли и други производи од месо, пишува порталот Медиапул. Ова предизвика бурни коментари меѓу политичарите и на социјалните мрежи.
„Народот кој пренесува вакцини во возила за транспорт на виршли не може да го уништи ништо“, е еден од коментарите на Фејсбук.
„Добро е и што така ги транспортираа. Можеше да се случи да бидат превезуваме во мини-фрижидери од „Икеа“, коментираат други.
На социјалните мрежи наскоро се појавија „мемиња“ со премиерот на Бугарија Бојко Борисов и неговите заменици. Во едно од нив, Борисов им покажува на своите колеги како е потребно да се сече вакцината наместо колбас.
Имаше и такви кои во сето тоа не гледаа ништо смешно и затоа повторно ја критикуваа владата, а членот на градското собрание на Софија, Методиј Лалов, ја повика владата да си даде оставка.
„Кај нас вакцините против Ковид 19 се транспортираат во комбиња за транспорт на виршли. Не може да биде поинаку, бидејќи владата на Бојко Борисов е исто така производ на задкулисни автори со сомнителен квалитет и чија цел е да го измамат народот, додека разбојниците го земаат само најдоброто за себе. Бандити, поднесете си оставка! Во затвор ќе имате и виршли и вакцини“, бил остар Лалов.
Од друга страна, министерот за здравство, Костадин Ангелов, кој прв се вакцинираше во Бугарија, вели дека во САД и Канада за транспорт на вакцини се ангажираат различни компании, кои вообичаено превезуваат сладолед или риба.