ДПИ ќе ги контролира цените на тестенините и млечните производи

од Vladimir Zorba
203 прегледи

Инспекторите ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со одлуките на Владата за намалување на цените на тестенините и млечните производи што од утре веќе и официјално стапуваат во сила, велат од Државниот пазарен инспекторат и посочуваат дека трговците досега требаше да ги усогласат цените според одлуките на Владата.

Инспекторите, најавува ДПИ, ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности кои произлегуват од одлуките, а согласно тоа и според Законот за трговија.

-Станува збор за искусни професионалци, со долгогодишно работно искуство во сферата на пазарната инспекција, што значи дека сме апсолутно подготвени да се соочиме и со овој предизвик, истакнува ДПИ.

Оттаму прецизираат дека контролите ќе се вршат над производите кои ги опфаќаат одлуките за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало (Службен весник на РСМ бр. 52/2023), односно: тестенини неварени, неполнети ниту поинаку приготвени, што не содржат обично пченично брашно или гриз, без додаток на јајца (макарони и шпагети) чија највисока цена на овие производи од ставот се утврдува на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година, во трговијата на мало, и се намалуваат за 15 проценти, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; урда, кравјo бело сирење и мешано бело сирење, кравји кашкавал (со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан), кисело млеко, павлака и јогурт, без додатоци. Највисоките цени на овие млечни производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 март годинава, во трговијата на мало, и се намалуваат за 10 проценти.

Само што добивме извештај од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), 7 правни субјекти (само во Скопје) денеска се казнети со по 7000 евра за непочитување во целост на одлуките донесени од Влада

Начинот на кој ќе се постапува доколку некој од економските оператори дејствува спротивно од Одлуките е предвиден во Законот за трговија. Во случај да се утврди прекршување на одлуките, велат од ДПИ, ќе следат казни кои произлегуваат од тој Закон. Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.

-Напоменуваме дека Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуките, но нема надлежност да постапува, ниту, пак, да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало. Апелираме да се почитуваат одлуките, а исто така ги повикуваме граѓаните доколку забележат неправилности веднаш да пријават во Пазарниот инспекторат. Работиме во интерес на граѓаните и токму затоа се донесени овие одлуки, за да се помогне во време на економска криза која се уште постои и да се спречи личното профитерство и злоупотреба, велат од ДПИ.

Слични содржини