Др.Бабачиќ: Со 11% целосно вакцинирани мали се изгледите дека наесен популацијата ќе биде отпорна на нов бран

од Берта Китинска
337 прегледи

Појавата на делта варијантата (т.н. индиска) на SARS-CoV-2 во Македонија е очекувана. Од она што се гледа во останатите региони, постојат силни докази дека е потрансмисибилна од алфа варијантата (т.н. британска) и првичната варијанта (т.н. вуханска). Веројатно ќе стане доминантна и во македонската популација. Сè уште е нејасно дали има разлика во тежината на болеста споредбено со другите варијанти, пишува  во својата белешка за делта варијантата Д-р Харис Бабачиќ, од Каролинскиот институт во Шведска.

-Тоа што повеќето случаи со оваа варијанта се со лесна клиничка може да се должи на тоа што во популациите во кои е следена повеќето заразени се млади а повеќето повозрасни граѓани вакцинирани, а можно е и да субпопулацијата на ранливи граѓани е скратена затоа што веќе прележале со потешка болест или починале од КОВИД-19.

За потсетување, базичниот репродуктивен број (R0) укажува на тоа колку заразените во просек би заразиле други луѓе. Процените за R0 на делта варијантата укажуваат дека е речиси двојно позаразна од првичната варијанта на КОВИД-19 и некои 55% од британската варијанта. Па така, поедноставено, ако 10 заразени со првичната варијанта би заразиле во просек 26 други, со делта варијантата тоа значи дека истите 10 заразени би заразиле 52 луѓе.

Зошто е ова важно?

– Прво, порастот во R0 има директни импликации врз ефикасноста на мерките кои се преземени за соочување со епидемијата. Повисок R0 значи дека ќе бидат потребни построги мерки за соочување со пандемијата. Тоа нема да биде воочливо веднаш поради сезонскиот ефект на летото, но со промените во климата и враќањето на работа во септември, целосното опуштање на мерките не може да остане доколку немаме висока стапка на вакцинирани против КОВИД-19 во популацијата.

Сепак, поради високиот R0 и голем дел од популација сѐ уште без имунитет, можно е да видиме промена во епидемиолошката состојба и поскоро. Засега, има многу мал број на заразени во Македонија и состојбата е стабилна. Многу тешко да се процени тековниот репродуктивен број со сигурност поради малиот број заразени, но постои статистички незначаен тренд на пораст на репродуктивниот број во последниве две недели. Дополнително, треба да имаме на ум дека бројот на заразени и сегашниот репродуктивен број не ни укажуваат во каква состојба сме сега, туку на состојба од пред две недели. Во наредниве две недели ќе ни се разјасни состојбата, но веќе треба сериозно да се размислува за ревидирање на одлуката за целосно опуштање на мерките, особено затоа што Македонија има многу низок процент на вакцинирани.

– Тоа ме надоврзува на втората поента… Секое покачување на R0 значи и покачување на прагот на колективен имунитет потребен за да епидемијата сопре. Па ако за првичната, вуханска, варијанта ни беа потребни најмалку 62% имуни во популацијата за да епидемијата сопре, нејзиното истиснување со британската варијанта го покачи тој праг на 71%, за да сега тој праг се покачи на 81%. Уште се утврдува ефикасноста на вакцините кон оваа варијанта, но постојат индикации дека се можеби помалку ефикасни, што би изискувало да процентот на вакцинирани биде повисок од тие 81%. Можеби ќе е потребно да ги вакцинираме сите. Останува да видиме…

Сѐ уште не знаеме колку точно луѓе прележале КОВИД-19 во Македонија и тоа ги отежнува проценките колку треба да вакцинираме за да го достигнеме прагот на колективен имунитет. Но, колкумина и да прележале, со 11% целосно вакцинирани и 17% вакцинирани со една доза, далеку сме од колективен имунитет и мали се изгледите дека наесен популацијата ќе биде отпорна на нов КОВИД-19 бран.

Вакцинирањето е единствената ефикасна алатка која ја имаме за спречување на појава на нови варијанти, нови бранови и тешка болест и смрт од КОВИД-19.

Она што властите мора да го направат сега е да го искористат летото да под итно таргетирано ги вакцинираат ранливите категории, за да спречат голема понатамошна смртност. Непоимливо и неетички ми е да млади се вакцинираат покрај невакцинирани повозрасни граѓани и граѓани со ризик од полош исход. Не е оправдување тоа дека граѓаните не се пријавувале. Министерството има должност да таргетирано им пристапи на ранливите категории и им објасни зошто е важно за нив да се вакцинираат.

За да го забрзаме процесот на вакцинирање, оние кои прележале КОВИД-19 е доволно да бидат вакцинирани со една доза, со што би заштедиле дози за повеќе луѓе, пишува тој.

Слични содржини