
Коалиција помеѓу вон-парламентарните партии на Албанците засега нема на повидок. Од Унитети и ДР-ДПА не одговорија на поканата да седнат заедно со лидерите на Беса и НДП. Биљал Касами и Фадил Зендели беа сами на денешната средба, по што заклучија дека овој неуспешен обид за опозициско обединување на малите и нови партии, практично го затвора прашањето за коалициско дејствување, пренесува ТВ21.
„Што се однесува до Движењето Беса, за нас обединета албанска опозиција е соработката на НДП и Движењето Беса. Со тоа, прашањето се затвора. „Во ваков политички амбиент во Македонија, во моментов нема простор за некоја предизборна коалиција со македонските партии“, изјави Биљал Касами – лидер на движењето БЕСА.
„Очекувавме разбирање, поддршка од другите партии, затоа што ова беше прва иницијатива, прва јавна покана од оваа природа. Со сигурност средба со четири или пет страни ќе ги дадеше првите резултати во насока на обединување на албанскиот фактор“, изјави Фадил Зендели – НДП.
Од партијата Унитети, велат дека поканата ја гледаат како пречка во обидите за постигнување договор.
„Јавната покана од Движењето Беса, за јавна средба, на јавно место, во завршна фаза од преговорите за коалицијата, без никаква претходна консултација помеѓу страните, може да се сфати како пречка за долгоочекуваниот договор од страна на Албанците. Изненадени сме од овој чекор и ги охрабруваме партиите да продолжат со преговорите меѓу работните групи и што поскоро да биде објавена коалиција.“, соопштија од УНИТЕТИ.
Од Движењето за реформи-ДПА, не сакаа да ја коментираат денешната средба. Претседателот на партијата Зијадин Села, вчера по писмен пат ја одби поканата од Беса и НДП. Но позитивно одговори на поканата која дојде од Здружението на поранешни политички затвореници и прогонети Албанци во Македонија, за средба закажана за крајот на неделава.