Др.Мехмедовиќ: Секој предлог ќе биде соодветно објаснет за да се издигне довербата во Комисијата

од Берта Китинска
231 прегледи

Министерот за здравство Беким Сали денеска ги претстави членовите на Комисијата за заразни болести. Одлуките кои ќе се носат во КЗБ пред јавноста ќе ги претставува др. Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом Скопје.

-Добив покана од министерот да бидам дел од Комисијата за заразни болести. Во однос на позицијата портпарол, таа ќе се одвива во насока за полесно да се комуницираат предлозите на КЗБ, да се даде соодветно објаснување за секој предлог, да има поголема транспарентност со цел да се издигне довербата во Комисијата, изјави кусо за „Локално“, др. Злате Мехмедовиќ откако и официјално беше назначен за портпарол на ова советодавно тело формирано од министерот за здравство.

Тој на денешната прес-конференција кажа дека очекува членовите на Комисијата да имаат различни мислења, а при носењето на одлуките нема да се оди на едногласност туку ќе се знае точно кој какво мислење имал.

Мехмедовиќ извести дека на денешната седница членовите утврдиле дека засега нема услови за укинување на сертификатите оти трансмисијата е на високо ниво, а состојбата дополнително ја отежнуваат зимските месеци со сезонски настинки и грипови. Тој смета дека ако сега се укинат сертификатите тоа дополнително ќе го оптовари здравствениот систем.

За претседател на КЗБ е избран др. Александар Петличковски, актуелен директор на Институтот за имунобиологија, додека пак останатите членови се: Кристина Ставридис, Шабан Мемети, Калина Грифчева Ставрова, Невзат Елези, Дугаџин Османи, Жарко Караџовски,Иринка Сотирова Бухова, Кристина Ставриќ, Милена Стевановиќ, Звонко Миленовиќ, Фадиљ Цана, научен соработник Марија Динзова, Илир Демири, Виктор Исјановски, Билјана Деспотовска Ристовска, Ниќо Беќаровски, Арбен Лабуништа, Марија Дуганова, Марија Маневска, Јованка Костовска, Злате Мехмедовиќ, Златко Арсениовски, Драган Ѓорѓиевски и Грета Николовска .

Слични содржини