Др.Митова: Купувањето залихи од намирници се одраз на желбата да се има нешто под контрола

од Берта Китинска
837 прегледи

Повеќе од две години живееме со коронавирусот, но меѓувреме се соочуваме и со економска криза и воена состојба во Европа. Кај луѓето почнува се повеќе да преовладува стравот. Д-р Васка Митова, психијатар на Клиниката за психијатрија во Скопје потенцира дека во овие моменти важно е и да не ја губиме контролата од она што можеме да го контролираме.

– Од еден голем „ еднаш во животот “ предизвик, пандемија која е веќе на залез, неволно влегуваме во друг – изразена социо-економска нестабилност, воени конфликти недалеку од нас, сведоштва на ужасот на војната, раселени лица… Неминовно е ова секојдневие да има печат и врз нашата психичка состојба. Една голема човечка карактеристика е емпатијата, сочувството. Не знам дали би можеле, но и дали би требало да избегаме од таа карактеристика. Но, она што е битно е и да не ја губиме контролата од она што можеме да го контролираме (тука е умешноста во поставувањето на јасна разлика меѓу тоа што е, и тоа што е вон наша контрола). Ако сме во можност – да помогнеме, со тоа помагајќи си и на себеси со додавање на смисла и цел во ова тешко секојдневие, вели докторката.

Гужвите во маркетите каде граѓаните изминативе денови купуваа намирници за да имаат залихи според др. Митова е одраз на желбата да се има нешто под контрола, барем кон она што ни е возможно.

– Овој тежок период резултира со длабока несигурност и неизвесност, чувство на губиток на можноста за справување со секојдневието и иднината. Купувањето залихи од намирници се одраз на желбата да се има нешто под контрола, барем она што ни е возможно. Не се случи недостиг на потребни намирници во текот на пандемијата, веројатно нема ни сега, но неминовно е нестабилниот период да има и економска импликација (на која сме сведоци деновиве), со што станува разбирлива несигурноста. Но, да не дозволиме стравот да прерасне во деструктивна паника, објаснува таа.

Многумина за жал на потешкиот начин се уверија дека коронавирусот постои

За тоа дали во суштината на менталитетот на нашето поднебје е игнорирањето на непознатото во однос на пандемијата докторката појаснува дека многумина од граѓаните негирајќи го постоењето на вирусот за жал на потешкиот начин се имаат уверено дека тој постои.

-Веројатно мислите на неверувањето во постоењето на вирусот кај одредени индивидуи. И кај нас, како и во сите останати земји, постојат личности со сомнеж, а во поекстремните форми и со негација на постоењето на коронавирусот (негацијата е и еден од примитивните механизми на одбрана). Едноставно, нешто што се чувствува како преголемо за можност за справување, личноста бира да го негира, да верува дека не постои, од причина што чувствува во себе несигурност и неспособност во поглед на управувањето со тој страв. За жал, многумина се уверија на потешкиот начин, вели Митова.

Како дел од тимот на доктори за психолошка поддршка на пациентите на Инфективната клиника кои се бореле со ковид 19, било забележливо кај дел од нив агресија кон телото која , како што вели докторката, таа била толку изразена што самата ситуација ги доведувала во состојба на агонија.

-Огоромен личен предизвик е соочувањето со вирусот и болеста која тој ја манифестира. За жал, многумина ја изгубија таа битка. Агресијата кон телото кај одредени пациенти беше толку изразена, доведувајќи ја личноста во состојба на агонија. Во тие моменти очите се вперени во докторите како силни сојузници, лавовски борци, а срцето кон Бога, да допушти оздравување. И токму во тие моменти бевме сведоци на неограничената способност за издржување на духот, за истрајување, како и за победа и во ситуации каде надежта е наивен оптимизам, раскажува Митова.

На прашањето дали по оваа пандемија нашето општество ќе излезе помудро и посилно, докторката напоменува дека она што го имаме добиено како поука од ова двегодишно искуство е кристализирањето на она што е вистински значајно во нашите животи.

-Неминовно е растењето во тешките периоди, впрочем, само така и растеме. Има многу мудрости кои се стекнати од искуството, како онаа дека се’ што не не’ убива – не’ прави посилни. Она што го добиваме како поука од ова двегодишно искуство е кристализирање на она што е вистински значајно во нашите животи. Времето не’ принуди да застанеме и да разгледаме околу себе, да размислиме кои ни се блиските, да посветиме повеќе време на фамилијата, да си помогнеме во тежок период и да сме тука еден за друг. Погледнавме во илузијата на амбициите, полека ни се расветлува кои се вистинските животни вредности, па започнавме да бараме цел и смисла, дури и во страдањето, вели Митова.

Б.М.

Слични содржини