Др.Петличковски: Граѓаните да се однесуваат одговорно во претстојните празнични денови

од Берта Китинска

Oваа година верниците ќе можат претстојните Велигденски празници и празникот Рамазан Бајрам да ги прослават со олабавeни мерки. Претседателoт на Комисијата за заразни болести, др.Александар Петличковски апелира граѓаните да се однесуваат одговорно за претстојните празнични денови, потсетувајќи дека вирусот е се уште присутен.

-Во овој момент епидемиолошката состојба е многу добра. Сепак вирусот е уште присутен и можни се инфекции, особено кај луѓе кои не прележале КОВИД и не се вакцинирани, или пак се имунизирани пред повеќе месеци. Логично е дека ризикот за инфекција е поголем во гужви и во затворен простор и затоа апелираме граѓаните да се однесуваат одговорно во претстојниве празнични денови. Особено важно луѓето кои имаат симптоми и можеби се инфективни, да се изолираат и да користат заштитна опрема, вели во разговор за „Локално“, др.Петличковски.

Петличковски потенцира дека вакцинацијата останува најдобрата, најбезбедната и многу ефикасна опција за справување со КОВИД-19.

-Не може со сигурност да предвидиме каква есен ќе не очекува, но во овој мирен период планираме да имаме сеопфатна кампања на информирање околу придобивките, појаснува имунологот.

Докторот појаснува дека пристапот на Комисија за заразни болести е да не ги олабавуваме сите рестриктивни мерки одеднаш.

-Иако многу намален, ризикот од инфекции сепак постои, а тој е потенциран при подолг престој во затворен простор (на пр. кафана). При престој на отворено, ризикот е значително помал. Со ограничување на влезот и престојот во затворениот дел од кафаните се намалуваат шансите од заразување и разболување на неимунизирани граѓани. Секако дека во следниов период и укинувањето на оваа мерка ќе биде на дневен ред на Комисијата, вели тој.

Б.М.

Слични содржини