Драган Миновски е нов директор на ЕЛЕМ

од Vladimir Zorba
212 прегледи

Професорот на Електротехничкиот факултет при универзитетот „Гоце Делчев“, Драган Миновски на предлог на Владата е новиот директор на АД ЕЛЕМ.

Христијан Мицковски, досегашниот претседател на УО и генерален директор на АД ЕЛЕМ, преку Фејсбук соопшти дека бил разрешен.

Д-р. Миновски Драган е роден на 4 Февруари 1980 година во Скопје. Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Скопје, насока електроенергетика во 2004 година. Од 2005 година, како стипендист на Словачката и Македонската Влада, заминува на постдипломски студии во Република Словачка, на Словачкиот Технички Универзитет во Братислава на Факултетот за Електротехника и Информатички Технологии.

Во 2009 година успешно ја брани докторската дисертација на тема: “Влијанието на обновливите извори на електрична енергија врз системските услуги во електроенергетскиот систем и функционален модел на пазар на системски услуги и регулациона енергија во Република Македонија” – Истражувања на Словачкиот и Македонскиот електроенергетски систем. Оженет е со Александра Миновска со која има две деца.

Течно говори англиски, словачки, и чешки јазик. Професионалната кариера ја започнува како помлад соработник во Министерството за економија на Република Македонија во периодот од јули 2004 до Август 2005 година.

По завршување на докторските студии во Република Словачка, во 2009 година се враќа во Македонија и ја продолжува својата професионална кариера во ТЕ-ТО АД Скопје каде најпрво работи како проект инженер при градба на електраната, а по нејзиното пуштање во употреба продолжува да работи како водечки аналитичар за купопродажба на електрична енергија, топлинска енергија и природен гас. Од 2015 до мај 2017 година е комерцијален директор во ТЕ-ТО АД Скопје.

Паралелно од 2011 до 2015 година е ангажиран како доцент на Електротехничкиот Факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, а од 2015 година до мај 2017 година е избран во насловно звање вонреден професор. Од Јуни 2017 година, својата професионална кариера ја продолжува на Електротехничкиот Факултет при Универзитетот Гоце Делчев во Штип, каде е избран за Вонреден професор. Главни подрачја на неговата научна преокупација се: производството на електрична енергија, обновливите извори на енергија, како и пазарите на електрична енергија и природен гас.

Автор е на преку 30 стручни и научни трудови кои биле објавени во земјата и странство, како и коавтор на повеќе студии објавени во Република Македонија и Република Словачка.