Размена на искуства и силна поддршка доби градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски од германската амбасадорка Петра Дрекслер за проектот за енергетска независност и самоодржливост на Општина Центар.
На средбата со амбасадорката, Герасимовски го презентирала проектот на „Енергија Центар“, поставувањето фотоволтаици во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“, во објектот „Пепелашка“. Дополнително информираше и за плановите да се постават фотоволтаични системи и на покривните конструкции во три основни училишта. Амбасадорката ги пофали напорите на општината кои се движат по зелената агенда на која се фокусира и германската Влада. Таа понудила и соработка за реализација на проекти за одржлива енергија. Германската амбасада ги поздрави проектите на Општина Центар за социјална заштита на најранливите категории граѓани.
Општина Центар е прва општина која формираше сопствено јавно претпријатие за производство и продажба на електрична енергија.
„Со реализацијата на овој проект, општината ќе биде електро-енергетски независна и во нејзиниот развој ќе се користат природните ресурси и потенцијали. Заштедите од пониските сметки и средствата од продажбата на вишоците електрична енергија ќе бидат искористени за нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти кои ќе им бидат од корист на граѓаните .Станува збор за долгорочна инвестиција, не само за нас туку и за идните генерации“, истакнал градоначалникот Герасимовски.