Дрндаревска: Само 23% од граѓаните веруваат во судството

од Vladimir Zorba
306 прегледи

Довербата во судството во Северна Македонија е на многу ниско ниво, велат од здружението ЕСЕ и Коалицијата Маргини на Европскиот ден за пристап до правдата. Според податоците од европскиот барометар, само 23% од граѓаните на државата веруваат во судството, 30% во јавната администрација и 34% во полицијата.

„Според нашите истражувања, остварувањето на пристапот до правда во земјава се уште е на многу ниско ниво, односно треба да се преземат уште многу дејствија за да кажеме дека нашите граѓани имаат пристап до правдата. Тој е поврзан и со еднаквоста, сиромаштијата, родовата еднаквост, заштитата од дискриминација и така натаму. Исто така многу зависи од социјалниот статус, посиромашните граѓани имаат помал пристап до правда“, рече Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини.

Таа додаде дека Северна Македонија е потписничка на резолуцијата за целите за одржлив развој и според тоа, обврзана е да презема акции, да го усогласи националното законодавство, но исто така и да ги остварува овие цели согласно мерливиот индикатор.

Според Стојан Мишев од здружението ЕСЕ, секој втор граѓанин се соочува со правен проблем, а најголемиот број од нив се Роми.

„Една од алатките кои може да ги искористат ранливите групи на граѓани е новиот Закон за бесплатна правна помош. Секој граѓанин кој не може да си дозволи да ги плати трошоците во постапката може да поднесе барање до Министерството за правда со цел да се обезбеди адвокат, ќе бидат надоместени сите трошоци. Ги повикуваме властите да излезат во пресрет на овие граѓани“, рече Мишев.

Александар Тодески

Слични содржини