Друг играч требаше да го изведе клучниот пенал за Реал, Анчелоти му го виде лицето и ја промени одлуката

од Nikola Popovski
65 прегледи

Синоќа фудбалерите на Реал Мадрид се пласираа во четвртфиналето на Лигата на шампионите по изведување пенали, елиминирајќи го Атлетико Мадрид среде големи контроверзии.

Пенал-рулетот го реши поништувањето на голот на Хулијан Алварез поради двоен контакт со топката при ударот, што го видоа само судиите во ВАР просторијата, а Карло Анчелоти по натпреварот сподели интересна приказна со јавноста.

Анчелоти откри дека последниот, клучен пенал за Реал требало да го изведе друг играч, а не Антонио Рудигер.

Станува збор за младиот Бразилец Ендрик, кој влезе во игра дури во 115. минута и беше очигледно дека планот на Анчелоти е тој да ја преземе одговорноста за ударите од пенали, но планот се врати назад.

„Имав дилема кој ќе го изведе петтиот пенал за нас. Тоа требаше да биде Ендрик и го прашавме дали може да го изведе петтиот пенал, но кога му го видов лицето помислив веднаш на Рудигер“, изјавил Анчелоти кој јасно видел страв во очите на младиот Бразилец.

Промената на изведувачот очигледно беше правилна одлука, бидејќи Рудигер постигна гол и му донесе победа на Реал.

„Го ставивме Мбапе да го изведе првиот пенал затоа што е најдобриот изведувач, а Рудигер да го изведе последниот затоа што го изведе пеналот и против Манчестер Сити“, објаснил понатаму Анчелоти.

Италијанскиот стручњак прокоментирал и детаљ за кој долго ќе се зборува – поништениот гол на Алварез во пенал-серијата.

„Кога сфативме дека двапати ја допре топката, реагиравме, но тоа веќе го забележаа од ВАР собата, што јас на почетокот не го сфатив. Видов дека двапати ја допре топката“, тврди Анчелоти.

Реал Мадрид во четвртфиналето на Лигата на шампионите ќе игра против Арсенал, кој синоќа го елиминираше холандски ПСВ.

Слични содржини