За жал, неодговорноста зема данок. И тоа данок кој директно го загрозува човечкото здравје. Во конкретниот случај е повреден еден малолетник кој случајно поминувал во паркот измеѓу улицата „Никола Русински“ и „Карпошево Востание“ и врз него паднало дрво. За жал малолетникот има повреди на телото. Пренесен е во Ургентен центар, информираат од општина Карпош.
Според соопштението на локалната власт, иронијата да биде поголема, инцидентот се случува само на 5 метри од пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ кое е должно, согласно Законот за локална самоуправа, да го исече ова дотраено дрво. Од општината предводена од градоначалникот Стевче Јакимовски тврдат дека одговорноста на „Паркови и зеленило“ е уште поголема зошто истото дрво било обележано и тоа подолго време за сечење, меѓутоа, како и во стотици други случаи јавното претпријатие и Градот Скопје остануваат глуви на барањата на Општина Карпош и на граѓаните.
Општина Карпош бара Министерството за внатрешни работи да го документира овој немил настан, да се утврди одговорноста и за истата да се сносат правни последици.
-Општина Карпош уште еднаш јавно предупредува дека вакви немили настани ќе ни се случат и во градинките како резултат на тоа што Владата не одобрува вработувања на негувателки, воспитувачки и технички персонал на сите оние кои веќе заминале во пензија.
Уште еднаш апелираме до надлежните државни институции дека си играат со здравјето на децата и не би било добро доколку се случи немил настан, па потоа да ги решаваме проблемите и да бараме одговорност. Здравјето и безбедноста на децата немаат ценa, порачаа од локалната власт во Карпош.