Државата ќе добие 9,23 милиони евра дивиденда од Македонски Телеком за 2015 година

од desk3
96 прегледи

На македонската Влада ќе и биде исплатена дивиденда во износ од 570.432.705 денари (9,23 милиони евра) за 2015 година за капиталот што го поседува во телекомуникациската компанија „Македонски Телеком“.

telekom-centralna-zgrada

Собранието на акционери на Македонски Телеком денеска усвои одлука за исплата на дивиденда за 2015 година во вкупен бруто износ од 1.474.683.110 денари, односно бруто износ од 17,09 денари по акција.

– Македонски Телеком од бруто износот на дивиденда, каде што е применливо, при исплатата ќе ги задржи и уплати сите даноци, согласно важечката даночна регулатива во Република Македонија на датумот на исплата, се вели во соопштението од Македонски телеком.

Исплатата на дивидендата за 2015 година ќе се изврши до 30 септември годинава.

Македонски Телеком е дел од Групацијата Дојче Телеком преку својот доминантен сопственик Маѓар Телеком од 2001 година./МИА