Агенцијата за управување со одземен имот соопшти дека е започната постапка за враќање на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот премиер Никола Груевски.
-Со влегувањето во Владина постапка започна враќањето на паричните средства во буџетот на државата од одземениот имот на поранешниот премиер Никола Груевски.Станува збор за два стана кои што се наоѓаат на ул.Бихачка еден од 65м2, другиот од 44м2 на КО Кисела Вода 1, одземени со правосилна пресуда III KOK.бр.63/21 од Основен кривичен суд Скопје.Покрај овие два стана одземени се и три апартмани во Панорама Резиденс како и градежно земјиште во КО Центар и градежно земјиште во КО Норово за кои што исто така, во најкратко време, ќе бидат ставени во постапка за продажба, се вели во соопштението на Агенцијата.
Груевски есента 2018 избега од Македонија и оттогаш е азилант во Унгарија. Поранешниот премиер е осуден за кривичните дела Перење пари и други приноси од казниво дело и Противправно стекнување и прикривање имот.
„Плацови на Водно“ е редок институционален обид да се докаже дека поранешен висок функционер, во случајов експремиер, нелегално стекнал голем имот и умешно го криел со години. Судскиот процес е познат под тоа име, меѓутоа обвинителството докажа дека Груевски не застанал на атрактивното градежно земјиште на падините од скопската планина, туку имал и друг скриен имот. Според денешната пресуда, експремиерот бил вистинскиот сопственик на уште една, нешто помала градежна парцела на Водно, земјиште во Крушево и на уште два стана во зградата каде што живееше на улицата Бихаќка во Скопје.
Властите по Груевски имаат распишано меѓународна потерница.