Нашата сила е во единството и заедно можеме да направиме промени. Денес повеќе од било кога, иднината е во рацете на граѓаните, истакна од вечерашната трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Струга лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Од мултиетничка Струга, посочи дека богатството на Македонија е во соживотот и оти Струга е вистински пример за тоа. Барајќи ја довербата од стружани, град во кој немаат кандидат за градоначалник, својот глас на локалните избори на 19 октомври да го дадат за советничката листа на СДСМ, предводена од Димче Шипинкаровски, им порача дека е потребно да се изборат за држава заеднички дом за сите, а не нечија сопственост.
Според него, економските параметри поради лошите политики на власта се негативни, а забележа и дека странските инвестиции биле преполовени.
– Статистиката регистрира пад на индустриското производство, за 2,6% е намален бројот на вработени во индустријата. Сето ова е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ ја доведе економијата до колапс, што е далеку од нивните ветувања. Со ВМРО-ДПМНЕ и на локално и на централно ниво, државата нема иднина. СДСМ имаше седум години власт, од кои скоро секоја година беше некаква криза, КОВИД, енергетска, финансиска, и во сите тие кризи покажавме со конкретни дела и чекори како се штитат граѓаните, истакна Филипче осврнувајќи се и на антикризните мерки.