
Повеќе од 40 земји се обединија во создавањето глобална рамка за управување со една од најзначајните и најмоќните алатки на денешната технологија – вештачка интелигенција (ВИ). Иако поразвиените економии сé уште имаат различен поглед за нејзината употреба и придобивки, сега повеќето земји се обединети во обид за заеднички регулаторни принципи кои се потребни поради брзиот развој на технологијата.
Во чекор со новите времиња
Договорот беше потпишан минатата недела од страна на земјите на ОЕЦД, како што се САД, Велика Британија и Јапонија, како и оние кои не се дел од организацијата. Настанот доаѓа во време на неизвесност за владите, кои од скоро почнаа да се соочуваат со етичките и практичните импликации на ВИ во индустриите, анализира „Фајненшел тајмс“.
„За прв пат во историјата САД и демократските земји ќе се ангажираат со прифаќањето заеднички принципи на ВИ кои одразуваат исти вредности и приоритети“, вели Мајкл Крацос, претставник на САД на економскиот форум.
„Овие принципи испраќаат силна порака: земјите на ОЕЦД се здружуваат за да дозволат развојот на иновациите, производ на употребата на вештачка интелигенција. Тоа е важен инструмент кој гарантира економски раст, отвора нови работни места и пред се го подобрува животниот стандард“, додава тој.

За земјите кои сакаат да станат светски лидери во однос на примена на машинско учење во различни сектори, вештачката интелигенција стана стратешки приоритет. Таа ја презема секоја професионална сфера – од здравствена заштита до финансиски и правни услуги, образование и политика. Тоа што ветува ВИ е способноста на машините да препознаваат различни модели на податоци и да донесуваат подобри и побрзи одлуки од луѓето. И ова е начин за зајакнување на економиите.
Развојот е пред регулирање
Во последниве години, компании како Google, Amazon, Baidu, Tencent и ByteDance ја развиваа оваа нова технологија со неверојатно темпо. И поради тоа, тешко е да се развие регулаторен модел. Со други зборови, развојот е пред регулирање. Главните проблеми и предизвици пред ВИ сепак веќе излегуваат на виделина – тоа се пристрасни решенија, поврзани со процесот на програмирање, дезинформациите и опасноста од автоматски воени оружја.
„Не мислам дека некоја земја има владина стратегија вооднос на регулацијата на ВИ, тоа е проблемот“, вели Хари Армстронг, раководител за технологии во Nesta.
„Има една или две организации во секоја земја, кои се занимаваат со интересни работи, но повеќето стратегии се поврзани претежно со инвестиции, а не со Владата. Преговорите напредуваат премногу бавно“, објаснува тој.
Макар и да се необврзувачки, принципите, кои беа прифатени од земјите од ОЕЦД, како и другите земји, кои не се дел од самата организација, како Бразил, Аргентина и Романија, сепак се некаков чекор. Тие се фокусираат на развојот на вештачката интелигенција, која ги почитува човековите права и демократските вредности и разбира дека луѓето, исто така, ги разбираат резултатот и заклучокот кои се направени, и можат да го оспорат, ако не се согласуваат.

Кина е амбициозна
Кина, која не учествува во принципиелната рамка, се обидува да даде агресивна државна потпора на развојот на вештачката интелигенција. Во својот план за развој на новата генерација вештачка интелигенција, кој беше лансиран во 2017 година, Пекинг ја утврди ВИ како „нов фокусен центар на меѓународната конкуренција“ и намерата да биде „водечки светски центар за иновации во областа“ до 2030 година Затоа и во моментов се потпира на помошта на програмерите да развијат сопствени владини принципи.
Кина „ќе го забрза проучувањето на главните меѓународни прашања како што е роботската и безбедносната изолација и ќе ја продлабочи меѓународната соработка за законите и регулациите за ВИ“, се вели во документот.
САД се потпираат на корпорациите
Стратегијата на САД за технолошкиот натпревар е базирана на водечки компании како што се Google и Microsoft, кои се фокусираат на саморегулација и брз технолошки развој. Земји како Кина, Велика Британија и ЕУ преземаат владин пристап кон принципите на ВИ.

Во февруари американскиот претседател Доналд Трамп лансираше американска иницијатива, која всушност е прва официјална изјава на владата за овој вид технолошки концепт. Таа се фокусира на можни откритија во сферата. Белата куќа вели дека има намера да „даде силен акцент на флексибилни и лесни политички услови кои промовираат иновации и конкуренција во областа, наместо да ја регулираат премногу“.
„Отворената“ Индија
Владата на Индија има сличен став. Таа дури и бега од прекумерна регулација, вели Ана Рој, советник во NITI Aayog и автор на индиската стратегија за ВИ. Индија претпочита да остане отворена за можностите и науката кога станува збор за етиката на вештачката интелигенција и да се фокусира на финансирање академски и комерцијални истражувања, објаснува таа.
„Откако 40% од светското население се соочува со слични социјални проблеми во оваа област, зошто не може Индија да стане нов центар за вештачка интелигенција откако ќе има завидна база на податоци, огромна популација и иновативни истражувања?“, прашува Рој.