Државната матура ќе се полага во спортски сали и холови за да нема препишување

од Nikola Popovski
236 прегледи

Оваа учебна година државната матура наместо во училници ќе се полага во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.

Во голема просторија ќе има и повеќе тестатори така што оваа новина ќе овозможи подобра контрола на случувањата во текот на испитот и ќе оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик.

Целта на новиот начин на реализирање на испитите е самостојно решавање на тестот и почитување на правилата за полагање кои постојат од воведувањето на државната матура во 2007 година.

Очекуваме оваа промена да овозможи подобра работна атмосфера во текот на испитот и можност матурантите да го покажат своето објективно знаење, со што резултатите од матурата ќе бидат генерално поверодостојни, велат од Државниот испитен центар (ДИЦ).

Работна група на ДИЦ, во која учествувале и претставници од Министерството за образование и наука, ги контактирала сите средни училишта и собрала податоци за нивните просторни услови и според нив најголемиот дел од училиштата имаат доволно големи простории за своите ученици. Само мал дел од училиштата немаат доволно простории и дел од матурантите од тие училишта ќе полагаат во најблиското училиште во кое има услови за полагање.

Слични содржини