Државната секретарка не учествува во јавните набавки – фирмата ги исполни сите услови, вели Андоновски за „тендерската афера“

од Nikola Popovski
350 прегледи

Во изминатите осум месеци во Министерството за дигитална трансформација се спроведени десетици јавни набавки и само во еден од тие случаи постоела жалба за спроведувањето и со нејзиното делумно прифаќање, истата е поништена. Во однос на денешните наводи на СДСМ сметам дека и самите не веруваат во она што го зборуваат, но, сепак во име на отчетноста информирам дека пријавена беше само една компанија и покрај широките и објективни критериуми. Најверојатно заради однесувањето на СДСМ и ДУИ како влада во минатото, тоа беше честа пракса во рамки на процедурата. Избраната компанија ги исполнила потребните услови и критериуми, а за постапката, никој не вложил жалба. Лага број 1 на СДСМ е дека договорот е на сума 2,5 милиони денари. Постигната цена е 1,5 милиони денари, рече министерот Стефан Андоновски на прес-конференција по обвинувањата на СДСМ за тендерска мрежа во министерството со кое раководи.

Според Андоновски, државната секретарка во Министерството, Гордана Клинчарова не учествува во ниту една постапка за јавни набавки. Вели дека нејзиниот ангажман е во админитративно-буџетско работење на Министерството и не постои судир за интерес или влијание за постапката од нејзина страна.

-Лага број 2 е дека јас сум бил вклучен во изборот на компанијата. Тоа се стручни комисии кои објективно си ја извршиле работата. Немам законска можност за истражување на контактите на секој од 150-те вработени во Министерството, рече министерот пред медиумите.

Ја повика ДКСК и Јавното обвинителството да ги истражат сите наводи кои би сметале за спорни. Вели дека се убедени во законитоста на постапките.

Од СДСМ обвинија дека денешниот скандал е пример за директен конфликт на интерес и корупција во Министерството за дигитална трансформација.

-Во министерството на Стефан Андоновски каде втор човек е државниот секретар Гордана Клинчарова, тендери добива фирмата на нејзиниот сопруг Мартин Клинчаров. Првиот договор за набавка на конференциска и презентациска опрема е во вредност од 2,4 милиони денари, а вториот за набавка на ИТ-опрема во вредност од 529 илјади денари. Само од овие два тендери, околу 50 илјади евра завршиле во фирмата кај сопругот на Клинчаровa која е државен секретар во истото министерство. Ете каде завршуваат парите на граѓаните – во семејните фирми на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.

Портпаролката на СДСМ прашува каква е улогата на Андоновски и дали и тој бил соучесник во скандалот, бидејќи, како што вели, неговото име и презиме стои на договорите како потписник. Кузеска е децидна дека на голема врата, ВМРО-ДПМНЕ ги враќа изведувачите на „Скопје 2014“ во нивните сегашни бизнис шеми.

Слични содржини