Државнички говор или настап без визија: „Пораките на Силјановска се очекувани и создаваат евроскептицизам, наместо пораки кои можат да го видат хоризонтот од другата страна на планината“

од Nikola Popovski
190 прегледи

„Молчи и кога зборува“ или државнички говор – ваква дилема се протега во јавноста по годишното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска Давкова пред пратениците во Собранието. Визионерски и инспиративен за националните прашања во однос на евроинтегративните процеси, ваква оценка даде владејачкото мнозинство за говорот на претседателката. Сметаат дека ставовите на претседателката се државнички во насока да се прифатат копенхашките критериуми во однос на отворање на пристапните преговори со ЕУ и да се избегне билатерализација на односите со Бугарија во однос на историските прашања.

Опозицијата со критички настап на обраќањето на претседателката Сиљановска. Според нив, таа многу малку се осврнала на суштинските прашања за меѓуетничките односи, евроинтеграциите на земјава и за консензус за важните национални прашања, туку само декларативно посочила на главните насоки по кои треба да се движи државата.

Жестоки критики за политиката за проширување на Европската унија, консензус од сите политички чинители за прашањата од национален интерес, некомпромисна борба против криминалот и корупцијата.. беа само дел од пораките на шефицата на државата. Според аналитичарот Благојче Атанасоски, сите се борат против корупцијата и организираниот криминал, но, како што вели, сите до гуша се во истиот како политички елити и од левицата и од десницата.

-За етничко албанските партии-да не зборувам, корупцијата кај нив е ѕвезда водилка на нивното постоење. Критиките кон ЕУ и да се издржани, тие не водат до решение, напротив, не оддалечуваат и не буткаат во дупка од која дефинитивно ќе нема излез после десет години. Пораките се очекувани, создаваат евроскептицизам, наместо пораки кои можат да го видат хоризонтот од другата страна на планината, вели Атанасоски во разговор за „Локално“.

Благојче Атанасоски

„Ме навредува прашањето дали ќе го смените Уставот кога ме прашуваат и како професорка и како претседателка“, рече претседателката во своето обраќање. На прашањето дали ова е потврда дека уште долго ќе чекаме на патот кон ЕУ, соговорникот истакнува дека тој факт ги навредува сите граѓани, но, „од позиција на претседател, а не професор, вие сте должни како државник да нудите решение, наместо да лелекате над злокобната судбина и иднина на државата“. За Атанасоски, вистински лидер и државник е тој што прави разлика во владеењето, односно презема одлуки и обврски кои ќе ја одведат нацијата напред, со сите поставени сцили и харибди на патот.

-Ниту една нација во Европа, најмалку на Балканот немала лесен државно – правен пат. Се соочувала со невидени предизвици и ги преодолевала. Мене ме навредува како граѓанин и интелектуалец, што ставањето на 3504 Бугари во Уставот, некој свесно и намерно го издигна на прашање на живот или смрт за нацијата, за денеска да ни биде државна политика. Таквото играње и коцкање со иднината на државата, манипулирајќи со емоционално-националните чувства на граѓаните со просечен коефициент на интелигенција од 81,7, ќе значи и смрт за иднината на државата, дециден е аналитичарот.

На констатацијата дека Сиљановска пропушти да каже каде ја гледа државата за 10 години, Атанасоски посочува дека не очекува од таков ков и калибар на претседател/ка да каже визионерски каде ја гледа државата. Според него, предавање на политички систем и уставно право не е исто со водење на држава во суровата реал-политика.

-Ме чуди инертноста на опозицијата, која од до завчера самонаречена државничка партија, денес е сведена на гранап партија, која целосно го има изгубено надворешно-политичкиот компас по однос на виталните прашања и ретерира за истите, за кои до пред 8 мај не убедуваше дека се најдоброто решение за иднината на Македонија и граѓаните, заклучува политичкиот аналитичар.

Одредена доза критики истакнуваат и дел од пратениците. Според Елми Азири од коалицијата „Европски фронт“, говорот на шефицата на државата беше повеќе теориски отколку прагматичен. Во изјава вели дека на претседателката на државата тешко ѝ е да излезе од својата професија.

-Недостигаше прагматичниот дел и нејзината уставна улога како лидер на државата во давање на насоки како треба да се решаваат одредени проблеми во општеството и во државата во целина. Таа се наврати на неколку димензии и сегменти од општествено-политичкиот живот. Сметам дека не даде никаква насока, ниту шанса во насока на реализирање на уставните измени кои се услови за преговорите со ЕУ, порачува Азири.

Додава дека Сиљановска повеќе направи осврт кон потребата за реформи во ЕУ што мисли дека не е нејзина задача и улога бидејќи не сме членки на ЕУ.

-Повикувам сите челници на државата да се на ниво на нивните задачи и да преземат одговорност, со цел побрзо да ги реализираме обврските кон ЕУ. Како ЕФ сметаме дека претседателката не се осврна на одредени случувања околу меѓуетничките односи и кохезијата во општеството како на пример ситуацијата со Уставниот суд. Претседателката не се осврна и на непочитувањето на Законот за употребата на јазиците, почнувајќи од Собранието од каде таа пред неколку месеци и сама беше пратеник.

Претседателката и по Устав е лидер на нацијата, но е сихронизирана со власта. Треба да се издигне над партиите и институциите и да заземе одговорност. Би сакале сите предлози што излегуваат од Северна Македонија, од нашите институции, да се прифатат во Брисел, но за жал, од сите можни претставници од Брисел гледаме дека Преговарачката рамка не се менува и дека обврска на Република Северна Македонија се уставните измени, заклучува пратеникот од „Европскиот фронт“.

Членството во ЕУ беше и останува врвен државен приоритет. Брисел е македонската стратешка дестинација. Евроинтеграцијата е процес на учење, не само за кандидатите, туку и за членките на ЕУ. Потребен е консензус меѓу власта и опозицијата за државните интереси, истакна претседателката Сиљановска Давкова, во своето годишно обраќање пред пратениците.

-Патот до Брисел може да се изоди полесно и побрзо, ако сите ние функционираме како еден добро синхронизиран извежбан и искусен оркестар, на чиј репертоар редовно ќе биде владеење на правото, со кој треба да настапиме на финалниот концерт во Брисел, нагласи претседателката на државата.

Единствено решение за Сиљановска Давкова се одложено дејство на уставите измени, вели дека ја навредува прашањето кога Македонија ќе ги спроведе промените во преамбулата, за кои вели дека не се дел од договорот за добрососедство со Бугарија.

Шефицата на државата фасцинирана од поставеноста и исполнителноста на македонската Армија, која според неа има заслужено највисок рејтинг кај граѓаните, но посочи дека секогаш има простор за нејзино унапредување и модернизирање за што заеднички ќе работи со министерот за одбрана.

Сиљановска Давкова со критика за правосудниот систем. Порача дека правдата во Македонија е загрозена поради, како што вели, ендемската корупција и организираниот криминал, што заедно со судирот на интереси, непотизмот и клиентелизмот, го поништуваат владеењето на правото, ги обезвреднуваат институциите, ги иселуваат младите.

Сиљановска Давкова со поддршка на напорите за сузбивање на криминалот и корупцијата. Вели дека во таа борба ја имаат довербата од македонските граѓани и поддршката од стратешките партнери, вклучително и со дополнувањето на црната листа, рече во говорот претседателката Сиљановска.

На обраќањето на претседателката Сиљановска присуствуваа сите политички партии, што е позитивно за политичката култура, во однос на некои минати времиња кога опозицијата ги бојкотираше настапите на претседателите на државата.

Н.П.

Слични содржини