Комерцијалните станови кои државата ќе ги продава преку јавно наддавање со почетна цена од 1.000 евра за метар квадратен нема да ја намалат цената на станбениот квадрат во државата. Градежните експерти сметаат дека неможе државата со неколку згради да им конкурира на големите инвеститори. Ова, како што велат е само „капка во море“, бидејќи за вистински да се намали цената потребна е изградба на поголем број комерцијални станбени згради. Според нив, цените на становите и понатаму ќе продолжат да растат со оглед на големата побарувачка која што постои особено во главниот град.
Градежниот експерт, Никола Велковски за „Локално„ објаснува дека цената на овие државни станови нема да биде 1.000 евра за квадрат, бидејќи ќе има лицитација нан која може да се постигне повисока цена која може да биде и 1.500 евра за квадрат.
-Оние станови ќе се даваат по 1.000 евра почетна цена, а со самото тоа што ќе има јавно наддавање може да постигнат повисока цена. Државата треба јасно да ги дефинира условите кои може да учествува на таа лицитација, млади брачни парови, социјални случаи…Државата треба да ја ограничи можноста за препродавање на овие станов со тоа што ќе оневозможи истиот да се продава во наредните 10 години, вели Велковски.
Според него, нема изгледи дека во блиска иднина ќе се намали цената на станбениот квадрат, бидејќи пазарот ги диктира цените. Додека има побарувачка цените ќе растат, а во Скопје се уште побарувачката за станови е голема.
-Станбениот квадрат се качи и поради тоа што се намалија атрактивните локации за градба. Сопствениците на парцели ги дигнаа цените и бараа инвеститорите да им отстапат од 30 до 35 отсто од изградениот простор. Освен тоа и големата побарувачка на станови се уште ја држи цената на квадратот високо, објаснува Велковски.
Според него, пониски се цените на становите кои се наоѓаат на периферијата од градот. Но, за да се стимулираат граѓаните да купуваат во овие населби потребен е добар јавен градски превоз, инфраструктура, градинки, училишта…
-Квалитетот на животот во центарот на Скопје е никаков. Нема зеленило, нема доволно сонце бидејќи зградите се една до друга, нема игралишта…За една зграда потребни се 5-6 катастарски парцели за да не биде прозор до прозор, тераса до тераса, да има простор за паркинг, зеленило…, смегта градежниот експерт.
И од агенциите за недвижности сметаат дека со државните станови нема да се намалат цените на квадратот во Скопје. Се работи за мал број на згради кои неможат значително да влијаат на пазарот на недвижности.
-Цената на квадратот и понатаму ќе расте. Со оглед на фактот дека интересот за купување недвижности се уште е голем. Цените на становите во центарот на Скопје, одамна го пробија плафонот од 3.000 евра за квадратен метар. Граѓаните се уште ги сметаат становите за сигурна инвестиција и се додека постои поголема побарувачка од понуда цените ќе растат, вели Александар, сопственик на Агенција за недвижности.
Тој додава дека становите веднаш се продаваат иако цената на квадратот е повисока отколку кај поголемите станови.
Податоците на Народната банка во последниот квартал од 2024 година покажуваат дека цената на становите пораснала за 10,6 отсто. Ова е континуиран раст на цената која трае повеќе од една година. Според официјалните бројки, од јануари до март растот изнесуваше 4,6 отсто, во вториот квартал зголемување на цената на становите од 11,5 отсто, а во третото тромесечие 8 отсто. Новоизградените станови достигнуваат цена во центарот на Скопје и до 3.000 евра. Инаку, просечната цена на квадратен метар лани изнесувала 1.700 евра.
Б.С.