Демократскиот сојуз бара од Владата и МНР да направат сѐ што е потребно за да се обезбеди безбедна евакуација на над 100 македонски државјани на аеродромот во Тел Авив.
-Блокираните граѓани во Тел Авив прават очајнички напори да го напуштат Тел Авив, но авиокомпаниите кои имаат летови од Тел Авив приоритет даваат на нивните државјани.
Во Израел е прогласена воена состојба и ракетните напади на Тел Авив се постојани поради што состојбата е исклучително тешка и бара ангажирање на Владата за да се евакуираат нашите државјани, велат од партијата на Павле Трајанов.
Во текот на денот од македонската дипломатија соопштија дека уште 9 наши државјани го напуштија Израел, преку различни транспортни рути, и тоа: четворица со лет до Атина, тројца за Јордан и двајца за Белград. Вкупната бројка за изминативе три дена се искачи на 40 наши државјани што го напуштија Израел.
Дваесет пријавени граѓани од пограничните региони, кои се сметаа за безбедносно – ризични, утрово се префрлени на безбедна локација во Тел Авив, од каде ќе се работи на нивно заминување од Израел.