ДС: Круцијална е стабилноста на државата во услови кога на Балканот се раздвижени екстремистите

од Vladimir Zorba
180 прегледи

Демократскиот сојуз укажува на потребата од единство без разлика на партиската, етничката или верската припадност, се со цел, во услови на војна од широки размери, да се заштитат виталните и националните интереси на Македонија и граѓаните.

„Кога наместо дипломатијата, зборува артилеријата, се нарушува мирот и стабилноста, а последиците се мултиплицираат. Ние мораме да апелираме војната да запре, но паралелно да се подготвиме дека таа ќе трае подолго и да обезбедиме институциите да дејствуваат во услови на криза и повеќе од тоа.

Вонредните мерки кои се преземаа за намалување на последицте врз стандардот на граѓаните и стопанството, мора да се обмислуваат и носат со широки консултации, да се следат ефектите од истите и да се прилагодуваат во од.

Круцијално прашање е стабилноста на државата во услови кога на Балканот се раздвижени екстремистите, посебно во БиХ, Косово и Србија, а Бугарија и натаму ја блокира Македонија да стане полноправна членка на ЕУ.

Затоа мораме да бидеме претпазливи и да соработуваме со нашите стратешки партнери и НАТО, а од Европската унија да бараме евроинтегративните процеси на Македонија да се одвиваат на брза лента, без одовлекување.

Единството, грижата за секое семејство, за секој човек е иманентна, нема потреба од популизам и партиска пропаганда.

Товарот на последици од војната мораме да ги понесеме сите и да се прилагодиме на можностите на државата.

Буџетот го полнат граѓаните и затоа тие имаат приоритет, но исто така, мора да функционира здравствениот систем, образованието, одбраната, да се одржува редот во државата, да течат реформите и да се сочува демократијата“.

Слични содржини