Легализацијата на производство на канабис за медицински цели се злоупотребува, над 70 фирми произведуваат канабис без ефикасна контрола од државните институции и производството се пласира на нелегалниот пазар, со што се шири нарко бизнисот и злоупотребата на канабисот, порачуваат од Демократскиот сојуз.
Според партијата, присуството на експерти од странство за борба против наркобизнисот во Македонија, потврдува дека овој криминал поприма сериозни димензии и повлекува формирање на наркокартели, меѓусебни пресметки и ликвидации, како и ширење на наркоманијата во големи размери и надвор од Македонија.
-Досега се откриени над 10 „кражби“ на марихуана, обиди за нелегална продажба на канабис итн. Состојбите се загрижувачки и прашање е кога ке добиеме сериозна критика и одлука за забрана на прозводство на канабис и од Организацијата на Обединетите Нации. Последната акција на МВР, во која се опфатени и партиски активисти укажува на примамливоста и огромните нелегални профити од овој вид на легализиран криминал.
Во овој „бизнис“се вклучени и носители на високи државни и политички функции.
ДС по изборите ќе предложи укинување на законот за легализација на производство на канабис за натамошна продажба“, велат од партијата на Павле Трајанов преку соопштение.