Демократскиот сојуз предлага пратениците и министрите во текот на јули и август наместо на одмор да работат,се со цел овој период да се искористи за подготовка и носење на закони за непречена работа на компаниите, подготовки за враќање на учениците и студентите на училиштата и факултетите и спроведување на реформи неопходни за имплементација на стандардите на Европската унија.
Од партијата сметаат дека летниот период треба да се искористи и за изградба на заокружен и ефикасен систем за борба против тешките облици на криминал и високата корупција, борба против урбаната мафија и мафијата која и натаму остварува високи профити со продажба на канцерогени нафтени деривати, како и депонирање на опасен отпад.
-Мора да продолжат реформите во судскиот систем,како и донесување на посебна програма за департизација на службите за безбедност и администрацијата.
Овој период да се искористи за подготовка на Платформа за на поефикасен начин да се справиме со пандемијата,да се спроведе имунизација на населението и реорганизира здравствениот систем во насока на негова подготвеност за дејствување во услови на кризна состојба.
Поради пандемијата многу реформи доцнат,поради што сметаме дека само со дополнителни напори и работа можеме да опстоиме на патот кон Европската унија и да создадеме подобри услови за работа и подобар живот за сите граѓани, соопштија од ДС.