ДС: Со измените на Кривичниот законик „капиталците“ се на слобода

од Nikola Popovski
216 прегледи

Прво, на 6.9.2023 година, Собранието на Република Македонија ги донесе измените на Кривичниот законик со кој се намалија казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување и се декриминализира кривичното дело поврзано со јавните набавки.

Измените на законот беа објавени во „Службен Весник на РСМ“ бр.188/23 од 7.9.2023 година, велат од Демократскиот сојуз во врска со демантот на Уставниот суд за измените на Кривичниот законик и ставовите на Павле Трајанов, претседател на ДС.

Второ, додаваат од партијата, Трајанов на 19.9.2023 година, до Уставниот суд, поднесе Иницијатива за преиспитување на измените на Кривичниот законик, дали се во согласност со Уставот.

-Соопштението и иницијативата беа доставени до медиумите. Во соопштението јасно стои, цитираме: „ОЧЕКУВАМЕ УСТАВНИОТ СУД ПО СЛУЖБЕНА ДОЛЖНОСТ ДА ДОНЕСЕ ПРИВРЕМЕНА МЕРКА ЗА ОДЛОЖУВАЊЕ НА ПРИМЕНА НА ИЗМЕНИТЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ДО ДОНЕСУВАЊЕ КОНЕЧНА ОДЛУКА ПО ИНИЦИЈАТИВАТА“.

Соопштението беше објавено од голем број медиуми.

Трето, Уставниот суд досега не го информирал подносителот на иницијативата за тоа дали постапил, дали е прифатена иницијативата, дали има донесено времена мерка итн.

Четврто, Измените на Кривичниот законик се применуваа при што голем број носители на јавни функции кои ја злоупотребиле службената положба за кои се води кривична постапка се ослободени, а над 200 други функционери или службени лица исто така ќе бидат ослободени.

Инаку, Демократскиот сојуз и претседателот на партијата, со своите ставови и иницијативата до Уставниот суд, укажаа на штетните последици од донесувањето и примената на измените на Кривичниот законик, измени со кои се урива владеењето на правото, порачуваат од ДС преку партиско соопштение.

Додаваат дека зборуваат за суштината на иницијативата, а не за формално правните аспекти.

-Нашите очекувања беа и се Уставниот суд да донесе одлука за одложување на примената на измените на Кривичниот законик и донесување на одлука со која ќе ја укине нивната примена, нагласуваат од партијата на Трајанов.

Слични содржини