„Во врска со судската одлука за Таргет-Тврдина, за Демократскиот сојуз од исклучителна важност е тоа што после шест години, Судот потврди дека масовното прислушување е вршено преку системите на Министерството за внатрешни работи. Злоупотребена е власта за незаконито и неовластено прислушување на обични граѓани, новинари, бизнисмени, носители на политички и државни функции и многу други, со што директно се загрозени приватноста и основните права и слободи“, соопштуваат од партијата на Павле Трајанов.
„Прислушувањето е вршено од политички и бизнис интереси, желбата да се владее и да се има неограничена моќ.
Одлуките за осудените нема да ги коментираме почитувајќи го начелото на пресумпција на невиност, но тие ќе имаат силна генерална превенција, во иднина никој да не се осуди да ги крши правата на граѓаните преку нивно неовластено прислушувајте, следење и сл.
Овој и другите процеди беа проследени со бројни недоследности, непринципиелности, политички притисоци и договарања.
Многу институции потфрлија, многумина непрофесионално се однесуваа, се кршеа и закони, затоа мора да се истражат докрај и системските грешки, но и кривичната одговорност на сите кои овие шест години ја опструираа правдата.
Криминалот е зло со кое мора да се справиме, мора да изградиме ефикасен систем за борба против криминалот, криминално стекнатиот имот да се конфискува и задолжително да се изрекува мерка забрана на политичко дејствување“, велат оттаму.