ДСЗИ констатира неправилности на Токсикологија, се бара забрана за пристап за лицата без договор за работа

од Nikola Popovski

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе издаде решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа на Клиниката за токсикологија ќе им биде забранет пристап на Клиниката. Ваквиот чекор на ДСЗИ следува откако менаџментот на Клиниката не постапил по издаденото решение за опомена со наложени инспекциски мерки, со што повторно констатирани се неправилности.

Како што денеска информираше директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска, менаџментот на Клиниката не постапил по мерките што ги издал ДЗСИ, освен по една точка да се свика Управниот одбор.

Доколку не се постапи и по ова решение, Младеновска рече дека следуваат парични казни за организацискиот и за медицинскиот директор, како и за самата Клиника.

Запрашана како е можно да се појавуваат на работа лица кои немаат договор за работа, Младеновска упати одговорот да се бара кај менаџментот на Клиниката и кај Министерството за здравство.

Дел од вработените на Токсикологија обвинуваат дека организациската директорка Бесија Иљази не сака да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно ги турка 18-мина на кои лани им завршиле договорите. Ставот на лекарскиот колегиум е дека воопшто немаме потреба од толкав број на нови примања. Клиниката во моментот реално има потреба од тројца луѓе за да се доекипира лабораторија.

Министерот за здравство, Илир Демири претходно порача дека немал замерки, ниту имало пропусти за работењето на директорката и најави разрешување на медицинскиот директор д-р Данил Петровски. Сепак, се уште нема новости од разрешувањето.

За новоназначената економска директорка веќе беше објавено дека не знае македонски јазик, па кога мора да соработува со колегите, преведувачи ѝ се двете секретарки вработени во оваа клиника.

Во меѓувреме се случи и поплава на Токсикологија, предизвикана од пукнато парно на третиот кат од Клиниката. Немаше штета на медицинската опрема и немаше штета во просториите во кои се згрижуваат пациентите.

Слични содржини