ДСЗИ: Забрана за вршење на дејност и одземање на дозволата за работа на докторката која имала нелегална гинеколошка ординација

од Nikola Popovski
322 прегледи

По Налог од директорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат – ДСЗИ, и по добиени сознанија дека на локација „Кеј 8-ми Ноември“ во Струга се врши гинеколошко акушерска дејност, спротивно на Закон, здравствени инспектори од ПО Охрид во соработка со службени лица од Министерството за внатрешни работи, извршија вонреден инспекциски надзор.

„По двочасовно преговарање со сопствениците на објектот,  инспекторите и полицијата влегоа во посочениот простор, кој има 25 метри квадратни и бил опремен за ординација за гинекологија и акушерство, при што затекнататата  фактичка состојба индиректно укажува дека во него се вршела гинеколошко-акушерска дејност. Притоа објектот воопшто не бил обележан за дејноста“, велат од Државниот здравствен инспекторат, при што потврдија дека ќе ѝ биде одземена дозволата за работа на докторката и ќе добие забрана за вршење на дејност.

Просторијата во која се одвивала гинеколошко акушерската дејност е во сопственост на д-р З.П.Ш. доктор специјалист по гинекологија и акушерство, вработена во ЈЗУ Општа болница Струга.

„Наведената приватна здравствена установа ПЗУ Д-р Благоја Парталоски има решение издадено од Министерството за здравство од 1999 година, дека исполнува услови (простор, опрема и кадар) за вршење на специјалистичко гинеколошко акушерска дејност на горе споменатата адреса, а која во моментот нема носител на дејност бидејќи д-р Парталоски е во пензија од 2009 година а има отстапувања и во однос на просторот.

Со оглед на затекната фактичка состојба при надзорот и увидот во дадената докуменатација, ДСЗИ ќе издаде решение за забрана за вршење на дејност поради неисполнување на услови за вршење на дејност согласно чл. 301 од Законот за здравствената заштита, а истовремено ќе го извести и Министерството за здравство за одземање на дозволата за работа согласно чл. 62 од истиот закон“, се вели во соопштението на ДСЗИ.

Од таму напоменуваат дека инспекциската постапка сè уште е во тек и по комплетирањето на севкупната докуменатција, ќе се преземат сите мерки согласно надлежностите.

Слични содржини