Полскиот претседател Анджеј Дуда го обвини својот руски колега Владимир Путин дека сака да ја освои Европа и инсистира на тоа дека Русија мора да биде запрена во Украина, каде што „животот е евтин“.
Во интервју за „Вашингтон пост“, од полскиот лидер беше побарано да им одговори на американските конзервативци кои се противат на испраќање дополнителна воена и финансиска помош за Украина.
„Многу е едноставно. Во моментов, рускиот империјализам може евтино да се запре, бидејќи американските војници не умираат. Доколку сега не биде запрена руската агресија, ќе се плати многу висока цена“, додаде полскиот претседател.
Според него, Путин се обидува да ја врати „царистичката територија“. Тој рече дека Западот треба да ја запре Русија сега, пред „американските војници да ја пролеат својата крв и да ги загубат животите во Европа за да го вратат мирот и слободата во светот“.
Дуда го предложи приемот на Украина во НАТО како најдобар начин да се спречи Кремљ. Тој призна дека е разочаран што Киев не добил официјална покана за блокот предводен од САД за време на минатомесечниот самит на НАТО во Литванија.
Тој, исто така, рече дека планира да ја поттикне администрацијата на Бајден да обезбеди Киев да добие покана следната година, пренесува „Танјуг“.