Дуда: Светот не би ѝ простил на Русија доколку употреби нуклеарно оружје

од Nikola Popovski
305 прегледи

Полскиот претседател Анджеј Дуда порача дека руските закани дека ќе го задржи правото на користење нуклеарно оружје не се ништо ново, но дека рускиот претседател Владимир Путин и неговите генерали многу добро знаат дека кој прв ќе посегне по атомска бомба ќе биде проклет, а светот никогаш нема да ѝ го прости тоа на Русија.

„Доколку гледаме ладнокрвно, без паника, треба да кажеме дека (Путин) го повторува она што со години е запишано како руска воена доктрина, дека Русија го задржува правото да ги користи сите средства, очигледно нуклеарно оружје, со кои располага во случај на опасност за Русија“, рекол Дуда за полската приватна телевизија ТВН24.

Коментирајќи ги последните закани дека Русија може да употреби нуклеарно оружје, полскиот претседател вели дека тоа не е ништо ново.

„Сепак, Владимир Путин одлично знае, како и неговите генерали, дека првиот што ќе употреби нуклеарно оружје ќе биде проколнат. Тој никогаш повеќе нема да биде ослободен од таа одговорност ако употреби нуклеарно оружје. Дури и во најмала мера. Никогаш. Светот нема да им прости“, изјави полскиот претседател, кој престојува во Њујорк на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации.

Дуда потсети дека кинескиот претседател Си Џинпинг јасно му рекол дека не може да замисли дека некој може да посегне по нуклеарно оружје.

Полскиот претседател сепак оцени дека е сосема можно Русија да ја нападне украинската нуклеарна централа со конвенционално оружје, како што изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

„Доколку Русија нападне нуклеарни централи со проектили, опасноста би била голема. Се надевам дека тоа нема да се случи. Нема сомнеж дека во случај на сериозни информации, или не дај Боже да започне таков напад, Меѓународната агенција за атомска енергија треба итно да интервенира“, вели Дуда.

Полскиот претседател додаде дека чека и средба во САД, во поширок круг, каде најверојатно ќе биде и украинскиот претседател, со американскиот претседател Џозеф Бајден.

„Постојано излегувам со порака за поддршка за Украина. Таа војна може да заврши само со протерување на руската армија. Тоа значи дека руската армија ќе биде поразена. Украина мора да има инструменти за тоа“, рече Дуда во интервју за дописникот на ТВН24 од САД.

Слични содржини