Градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш информира дека од вчера во оваа скопска населба повторно нема јавен превоз. Според него, граѓаните на минусни температури повторно со часови на автобуските постојки. Оттаму градоначалникот постави прашање преку социјалните мрежи:
-ЈСП и Град Скопје доколку се снајдам и обезбедам превоз за моите сограѓани и за тоа ли ќе ме обвините за незаконско вршење на превоз на патници? Со измислени фактички ситуации, извртувања на надлежностите, мандатни казни од 3 х 53000€, мислите дека ќе не замолчите како заедница? Срам – неспособност -дискриминацијa, објави Дудуш.
Општината Шуто Оризари ја опслужуваат линиите 19 и 20 кои најголем дел ги возат приватните превозници.
Уште од претходно траат препирките меѓу локалната власт и градската администрација. Неодамна градоначалникот на Шуто Оризари преку социјалните мрежи ѝ даде ултиматум на градоначалничката Данела Арсовска. Тој вели дека контејнерите низ целата населба се полни со смет и, и порача дека ако ако не ги испразни тогаш ќе и ги донесе пред канцеларија.
Од Град Скопје велат дека ќе го средат хаосот на Дудуш во Шуто Оризари настанат поради, како што нагласуваат „неговата неспособност и лукративни интереси, за да се спречи загрозувањето на здравјето на жителите од општината“, а ќе одат до крај за целосно расчистување на случајот за, како што го нарекуваат криминогениот трујач на скопјани да ја добие заслужената казна за делата кои се утврдени. Притоа, објаснуваат дека Дудуш си поставил свои приватни контејнери на општинските улици, а на граѓаните им наплаќал за чистење на отпад на парагон-блокче, за што се располага со соодветни докази.
Дудуш потенцира дека Арсовска преку соопштение и интервју од 27 ноември 2024 година ја нарушила неговата чест и кредибилитет, па поради тоа презема правни чекори.
-Колешке, ви ја разбирам нервозата, но срамот и незнаењето со инспекции и со клевети и навреди не се покрива. Бидете барем малку чесна и извинете се за кажаните лаги и невистини и ќе имаме одлична основа да седнеме на маса и со вашето знаење и моето искуство дупло од Вашето во менаџирање на локални проблеми и предизвици, ќе се обидеме да најдеме решенија, додаде тој.
Судирот помеѓу Арсовска и Дудуш кулминираше откако Дудуш излезе на протести пред Град Скопје во знак на револт и незадоволство поради тоа што граѓаните на Шуто Оризари долго време останале без јавен градски превоз. Арсовска на тоа возврати дека Дудуш прави дефокус бидејќи е фатен во криминал, тој пак возврати дека Арсовска ќе заработи кривични пријави за лажните етикетирања дека е криминалец, но и дека ги оставила граѓаните без градски превоз.