ДУИ бара кривична одговорност за Филков поради неможноста за полагање на правосудниот испит на албански

Рамадани од ДУИ го обвинува Министерството за правда: „Оневозможеното полагање на правосудниот испит на албански јазик ќе има правни последици“

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

ДУИ го обвинува Министерството за правда за кривична одговорност за злоупотреба на положбата и службеното овластување, во врска со одбивањето да се спроведе правосудниот испит на албански јазик. Канита Рамадани од оваа партија рече дека законот е јасен и неговото попречување има правни последици.

Според неа, попречувањето на спроведувањето на Законот за употреба на јазиците од страна на Министерството за правда и одговорните лица претставува основа за кривична одговорност за злоупотреба на положбата и службеното овластување.

„Бараме од Инспекторатот за употреба на јазиците веднаш да утврди прекршоци и да покрене постапка за прекршоци против Министерството за правда и одговорните лица. Бараме од Јавното обвинителство да процени постоење на елементи за кривично гонење за злоупотреба на службената положба, неизвршување на службена должност и поттикнување на меѓуетничка нетрпеливост. Бараме лична одговорност од министерот за правда за секоја одлука или непостапување што го попречува спроведувањето на законот“, кажа Рамадани во изјава за медиумите.

Одговарајќи на новинарски прашања за судирот помеѓу вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали и министерот за правда Игор Филков во врска со ова прашање, премиерот Христијан Мицкоски вчера повикувајќи се на амандманот V oд Уставот, рече дека правосудниот испит може да се полага и на албански јазик, но претходно тоа треба да биде утврдено со закон. Актуелниот закон, како што кажа Мицкоски, не го дозволува тоа.

Претходно Филков возврати преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека времето на политички толкувања на Уставот и законите заврши по заминувањето на коалицијата СДСМ–ДУИ од власт.