ДУИ будно ја следи „поделбата“ кај опозицијата: Измените на КЗ беа побарани од ВМРО пред Преспанскиот договор

од Nikola Popovski

ДУИ будно ја следи големата загриженост во редовите на ВМРО- ДПМНЕ и длабоките поделби што се појавуваат во битката меѓу интеграција и изолација.

„Оваа внатрешна битка меѓу силите во ВМРО кои се залагаат за интеграција на земјата во Европската Унија и оние кои претпочитаат изолација се одвива на грб на државата и нејзините граѓани, но и преку злоупотреба на институциите, процесите во земјата, како и политичките партии и партиските лидери“, велат од владеачката партија.

Оттаму појаснуваат дека „во своето интервју, Ахмети зборувал за преговарачкиот процес во Пржино и средбите со Заев и Груевски на тема надминување на состојбите преку процесот на вистината и помирувањето“.

„На овие средби на лидерите во Клубот на пратеници, кои се одржани со знаење на меѓународната заедница и партиските раководства, беше формирана работна група во состав: Оливер Спасовски, Никола Тодоров и Артан Груби.

Додека, измените во Кривичниот законик првично беа побарани од страна на ВМРО пред уставните измени за Договорот од Преспа.

Потоа, Кривичниот законик беше барање и на новиот претседател на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на лидерските и билатералните средби, но по неговото оддалечување од поранешното раководство на ВМРО- ДПМНЕ и покрај согласувањето на СДСМ, тој се повлече од ова барање.

Ниту државата, ниту граѓаните, ниту медиумите, ниту Американците и Европејците, ниту СДСМ и ДУИ не се непријатели на ВМРО- ДПМНЕ, туку сите прогресивни сили во државата се залагаат ВМРО да се откаже од својата изолационистичка политика и да станe дел од Европска Македонија“, истакнуваат од ДУИ.

Повеќе делови од предложените измените на Кривичниот законик главно се однесуваат на измени на членови кои ги засегаат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, иако во истиот се предлагаат и измени на членови кои се однесуваат на загрозување на животната средина.

Се предлага измена на делови од Членот 353 кои ќе значат затворска казна од една до четири години за службените лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета.

Во стариот закон овој член предвидуваше казна од најмалку три години затвор, но исто така во него немаше горна граница, со што сега со отвора можност делото побрзо да застари.

Со новиот закон исто така се предлага бришење на Ставот 5 од Членот 353 од стариот закон, во кој се предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.

Во новиот закон се предвидува нов став кој гласи „прибавената имотна корист се одзема“.

Слични содржини