ДУИ и СДСМ на седница ќе ги разгледуваат кадровските решенија: Бесими ќе раководи со финансии, Османи нов министер за надворешни работи?

од Nikola Popovski
218 прегледи

Како и СДСМ, така и ДУИ денес свика седница на Централниот одбор на партијата, на која ќе се дискутира околу изборите и новите кадровски решенија што ги договориле лидерите.

СДСМ ќе одржи седница на Централниот одбор вечер во 20 часот, а претходно се очекува да се состанат и членовите на Извршниот одбор.

ДУИ веќе најави дека за 18:00 часот во Тетово е закажан состанок на Генералниот совет на партијата на кој ќе се разговара за изборите на 15 јули, а Ахмети ќе информира за договорот за коалицирање со СДСМ. По состанокот најавена е изјава на Ахмети.

Лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ, Али Ахмети вчера објавија дека постигнале договор за владина коалиција, од која дел ќе бидат и партиите од коалицијата „Можеме“ која ја предводи СДСМ и ДПА на Мендух Тачи. Двајцата лидери потврдија дека ДУИ ќе предложи премиер на сто дена пред завршување на мандатот на оваа Влада, а дел од нивниот договор ќе биде и укинување на техничка влада и премиер, за што поддршка претходно даваше и најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ.

Според кулоарите, СДСМ ги добива клучните ресори како што е премиер, прашања, вицепремиер за европски прашања, правда, транспорт и врски, внатрешни работи, образование, а ДУИ треба да ги добие ресорите за финансии, за надворешни работи, за економија, за животна средина, за информатичко општество и администрација, како и вицепремиер за политички систем.

Решението кое се споменува за министер за финансии од редовите на ДУИ е Фатмир Бесими, а се шпекулира дека Бујар Османи, досегашниот вицепремиер за евроинтеграции, ќе биде министер за надворешни работи.

Талат Џафери останува претседател на Собранието, а за прв пат се воведува функцијата прв заменик премиер кој ќе биде од редовите на ДУИ.

Министерството за земјоделие ќе го раководи кадар на БЕСА.