ДУИ ја префрли „топката“ кај ВМРО-ДПМНЕ: „Пораката од Мала Речица е дека се пожртвувавме за повисоки идеи, сакаме ЕУ и спремни сме да се повлечеме привремено“

од Nikola Popovski
615 прегледи

На вчерашната лидерска средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски видовме и конкретни предлози. Најголемата опозициска партија доби покана да биде дел од широка влада, по што испрати контра-предлог дека такво нешто би било можно, но без учество на ДУИ. Од партијата на Али Ахмети одговорија експресно, прифаќајки го предлогот, со услов ако ВМРО-ДПМНЕ ги поддржи уставните измени и тие стапат во сила пред формирањето на таа влада. Се чини дека во моментов „топката е повторно“ кај партијата на Мицкоски.

Ваквиот развој на настаните предизвика турбуленции на политичката сцена, па оттаму се поставува прашањето дали има некој заскриен план во ДУИ во нивното евентуално излегување од Влада и како тоа би влијаело на настаните во иднина? Поранешниот пратеник Зуди Џелили во разговор за „Локално“ вели дека ова се прави со единствена причина ВМРО-ДПМНЕ да прифати да ги гласа уставните измени, оти, како што тврди, немаше друго решение.

Зуди Џелили

-Беа приморени да се изјаснат дали се за ЕУ или за друг пат со Левица. Околу тоа кој ќе владее во иднина ке одлучат граѓаните. Јас мислам со условувањето да излезе ДУИ од влада, само за 3 месеци повеќе е услуга за ДУИ, отколку план да ја однесат во опозиција, порачува Џелили.

Оценува дека не е сигурен дека македонските партии не го сакаат ДУИ.

-Таквите изјави уште повеќе ги провоцираат гласачите Албанци да се мобилизираат околу ДУИ. Македонските партии уживале со ДУИ во 20 годишното владеење, ни вели соговорникот.

Според него, изјавите на Мицкоски беа дека никогаш нема да гласаат и дека во овај мандат нема да има уставни измени, но видовме што се случи.

-Се повлекуват, наводно тој ја спасува државата и дека ќе го носи ДУИ во опозиција. Да не заборавиме дека Мицкоски немаше друга опција, мораше да се извлече од цврстите ставови, наоѓајќи причина за промени од цврстиот став на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Џелили.

Додава дека внатрешните случувања во ДУИ со огнените, дефитивно ќе остават некакви последици.

-Мислам дека секој раскол има своја цена, другите албански политицки партии се тука и се кадровски јаки да преземат одговорност за добро владеење. Тука е Алијанса на Албанците која има многу добро раководство, чиј преседател во најтешкиот момент го поддржа европскиот фронт за спасот на евро-интеграцискиот пат на државата, истакнува поранешниот член на законодавниот дом.

Универзитетскиот професор и познавач на состојбите кај албанскиот блок, Мерсел Биљали смета дека ДУИ направи логично решение. Во разговор за „Локално“ вели дека пораката од партијата од Мала Речица е дека „се пожртвувавме за повисоки идеи, сакаме ЕУ и спремни сме да се повлечеме“. Потенцира дека политиката има многу непредвидливи работи.

Мерсел Биљали

На прашањето дали можеби е ова и план за крај на 20 годишното владеење на ДУИ, скроен од македонските партии, Биљали оценува дека тоа ќе зависи од изборите и од странците.

-Реално една партија толку долго на власт е проблематично. Да се ажурираат внатрешните реформи кои треба да бидат континуитет во една партија. Сепак овие се само претпоставки и ништо однапред не можете да кажете што мисли или планирал. Реално треба да се има други субјекти и структура која отприлика ќе биде на таа бројка што може да го освои ДУИ, за да го замени, објаснува соговорникот.

За тоа колку влегувањето на ВМРО-ДПМНЕ во власта ќе го спаси опстанокот на земјава, вели дека е круцијално важно и укажува дека ова беше првиот чекор на обраќање кон нивните поддржувачи и гласачи, со оглед дека се работи посебен менталитет.

-Дали ова е опипање на пулсот или собирање на расположението во таа насока, ќе се види, но реално постои силен притисок од надвор за ВМРО-ДПМНЕ да ги гласа уставните измени. Видовме што се случи на Косово – тврдоглавоста на Курти ја чини Приштина. Мора да се игра по некакви ноти кои ги диктираат, не целосно, важните фактори на светската безбедност. Косово е пример како еден сојузник на САД да се доведе во ситуација да се санкционира државата, споредува Биљали.

Сепак е дециден дека во моментов, и покрај ваквиот развој на настаните, нема друга партија од албанскиот политички блок која може да го наследи ДУИ.

-Вака како што е не гледам дека постои таква сила кај албанскиот политички блок која ќе го победи ДУИ. Ако „Огнените“ се преструктуираат во нов политички субјект, тогаш нешто се менува, а ако останат, не верувам дека друга партија може да ја предизвика партијата на Али Ахмети, ни рече професорот.

Н.П.

Слични содржини