ДУИ обвинува дека во Македонија се спроведува политика на културна нееднаквост

од Nikola Popovski
18 прегледи

Демократската унија за интеграција повторно реагираше во врска со годишната програма на Министерството за култура, притоа објавувајќи бројки за тоа како се издвојува буџетот за т.н. албански проекти и за македонските, со што, како што велат од партијата, во Македонија се спроведува политика на културна нееднаквост, која систематски ја потиснува албанската културна продукција.

Ако оваа политика на владата продолжи, албанската култура ќе продолжи да се деградира, а Албанците ќе останат маргинализирани набљудувачи во сопствената држава, велат од ДУИ посочувајќи примери за распределба на финансиите.

-Ова не е политички став – ова се официјални бројки од Министерството за култура. Новата годишна програма за култура за 2025 година открива екстремна нееднаквост во распределбата на државните средства:

Театар и сценски уметности: Македонските проекти добија 40 милиони денари, а албанските помалку од 10%. Музика и фестивали: Македонските проекти добија 52 милиони денари, а албанските само 7,5 милиони денари. Изданија: 320 книги на македонски јазик се финансирани со 39,5 милиони денари, а само 60 книги на албански јазик добиле 6,6 милиони денари. Визуелни уметности: Поддржани се 120 македонски проекти, наспроти само 16 албански проекти, без значителни инвестиции за албанските уметнички институции. Културна инфраструктура: Албанските културни институции остануваат без финансиска поддршка, што директно го загрозува нивното функционирање, истакнуваат од партијата на Али Ахмети.

Од ДУИ прашуваат „дали ова е еднаква држава за сите?“.

-Оваа ситуација не може да се минимизира или игнорира. Културата е идентитет, културата е интеграција, културата е заедница. Ако институциите навистина веруваат во мултиетничка држава, тогаш мора да покажат дека државата подеднакво ја поддржува културата на сите нејзини граѓани.

Министерството за култура треба да даде јасно објаснување за критериумите за распределба на средствата и за причините за оваа нерамнотежа. Итно разгледување и корекција на Годишната програма за култура за 2025 година, за да се осигури дека сите заедници ќе добијат правична поддршка. Тишината не е одговор. Молкот е одобрување, сметаат од партијата од Мала Речица.

Слични содржини