Потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу Јавниот обвинител Љупчо Коцевски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во борбата против корупцијата, кое се случи вчера, предизвика остри реакции од страна на партијата ДУИ. Тие оценија дека оваа сцена е горчлива иронија за правдата и симболизира заробена држава.
Во своето соопштение, ДУИ нагласува дека наместо да гледаме на ова ракување како на позитивен сигнал за соработка, би требало да биде дел од истражна постапка во која Тошковски би требало да даде отчет за својата улога во трагедијата во Кочани.
„Ноќниот клуб функционирал без лиценца повеќе од една година, со целосно знаење на локалната полиција. И покрај внатрешните предупредувања за сериозни прекршувања, вклучувајќи присуство на малолетници, употреба на дрога и пиротехника, не беше преземено ништо. Оваа негрижа доведе до трагична загуба на над 60 животи и повредување на над 200 лица“, стои во соопштението на ДУИ.
Партјата го критикува однесувањето на министерот Тошковски, кој, како што велат, продолжува да избегнува одговорност и не покажува чувствителност кон жртвите. Ова, според ДУИ, дополнително го зацврстува впечатокот за заробена држава, каде правдата е селективна и политички контролирана.
ДУИ упати повик до Јавното обвинителство да постапува независно и со интегритет, без политички влијанија, и да истражи сите случаи на неработење на должноста од страна на службениците, кои не успеаја да ги заштитат граѓаните.
Во меѓувреме, министерот Тошковски објасни дека новиот Протокол за соработка помеѓу МВР и Јавното обвинителство ќе утврди јасни насоки и правила за постапување на полициските службеници и јавните обвинители. Целта е да се подобри функционирањето и ефикасноста на кривичниот прогон како дел од кривично-правниот систем.