Од ДУИ очигледно се одлучија за „рецепт за федерализација“ преку формирање платформа за меѓуетнички легитимитет и озаконување на принципот за колицирање „победник со победник“ преку автентично толкување на Охридскиот рамковен договор. Поради тоа, од партијата на Али Ахмети ангажираат меѓународни експерти за заштита на легитимитетот и го анализираат моделот на државно уредување на Белгија или Северна Ирска. Пол Вилијамс, познат како автор на Охридскиот договор од 2001 година, во изјава за медиумите на албански јазик во земјава, потврдил дека заедно со неговата адвокатска канцеларија PILPG (Меѓународна група за јавна политика и право) и тимот меѓународни адвокати, работи на прашањето за непочитување на Охридскиот договор и меѓуетничкиот легитимитет на институциите во државата. Во меѓувреме, поголемите партии во државата ја одбија ваквата идеја на ДУИ, па партијата од Мала Речица остана сама со своите најави.
Оттаму се поставува прашањето дали целта на Ахмети не е правилно читање на духот на Охридскиот договор, туку нов за ново уредување на државата? Дел од аналтичарите во земјава сметаат дека федерализацијата не е нова политичка идеја. Претходно беше предложена од Хисни Шаќири, Зијадин Села и уште неколку други политичари.
-Идејата што сега ја развива ДУИ иста е во суштина, но се разликува поради фактот што се предложуваа од политичка партија која на последните парламентарни избори беше на второ место заедно со СДСМ по број на пратеници. Значи, предлогот го носи партија или коалиција што има политичка тежина. Поради оваа причина, предлогот создаде голема дебата во јавноста. ДУИ го споменува заобиколувањето на волјата, односно политичкиот легитимитет на втората по големина заедница во државата за формирање на новиот владин кабинет. Ако ја прашате ДУИ зошто токму сега се развива овој концепт, одговорот ќе биде дека сега се создадени услови за оваа идеја. ДУИ како политичка партија веќе две децении во Влада, имаше можност да најде правни механизми против политичкиот мајоризам. Сега кога е во опозиција, идејата за федерализација може да се толкува како обид за политичка криза, внимание и поттикнување дијалог меѓу политичките партии, вели новинарот Дритон Зенку во разговор за „Локално“.
Според него, ако ДУИ и Ахмети пресметале дека политичкиот систем е регулиран без законски одредби и врз основа на духот на Охридскиот договор, излегува дека таквите калкулации не се одлучувачки. Вели дека точна беше изјавата на американскиот амбасадор кога рече дека нема правна пречка во формирањето на новата влада, кога беше прашан за новата владина коалиција ВМРО-ВЛЕН.
-ДУИ не може да се повикува во 2006 и 2008 година, кога после овој период имавме формирање на влада во 2017 година меѓу СДСМ како губитник на изборите. Принципите кои немаат правна сила, де јуре немаат правно дејство. Политичката волја на партиите да ги почитуваат принципите кои важеа порано, е друга работа. Принципите се поништуваат кога едната страна не ги почитува. ДУИ во минатото беше авангардна партија на политичките идеи и концепти, а сега од опозициска позиција секако калкулира да креираа нови политички каузи и да бидат во центарот на вниманието кај својот електорат, политичката сцена во државата, но и меѓународниот фактор, објаснува соговорникот.
На прашањето дали ако се озакони дека „победник со победник“ прави влада, тоа автоматски би значело бинационална држава, што подразбира и дводомен парламент, Зенку потенцира дека со компромисот постигнат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во 2018 година беше предвиден принципот победник со победник. Политичката историја покажува дека партиите кои постигнаа компромис, принципот сами го прекршија, прво ДУИ, а сега и ВМРО-ДПМНЕ.
-Принципот лесно можеше да се трансформира во посебен закон или да стане дел од некој постоечки закон и денес овие политички дивергенции немаше да се создадават. Принципот односно прашањето остана отворено и без правна основа. Сега се појавуваат други идеи за да се компензира овој принцип. Идеите во политичките процеси се дефинираат и обично се прошируваат со текот на времето. Ги спомнавме Ирска и Белгија. Ако ја погледнете историјата на процесот на федерализација, овие идеи траеја со децении. Во Белгија, уставот претрпе промени помеѓу 1970 и 1993 година. Во 1970 година, како одговор на растечкиот граѓански конфликт меѓу заедниците, владата изјави дека „унитарната држава, нејзината структура и функционирање како што е дефинирано со закон, е застарена, барајќи нови политички модели. Тоа се случи и со Република Ирска. Ирската држава сега има вкупно 4 провинции. Имаше пет, но со текот на времето, населението на петтата провинција се намали, што ја лиши од оваа титула. Организацијата и политичките системи се процеси кои претрпуваат промени со текот на времето и никогаш не се поставува точка на крајот, анализира Зенку.
Од друга страна, политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“, Енвер Салихи смета дека многу зборови се кажуваат од сите политички партии во Македонија, но сепак делата го кажуваат спротивното кога се дел од владата и кога им се удобни фотелјите. Според него, дводомен парламент и другите барања се дел од наративот и барањата на поранешната опозиција која сега е споена во ВЛЕН и оваа барање на ДУИ е неочекуван потез на една политичка партија која подолго време ниту во кампања не ги спомнала ваквите барања.
-Во нашата држава има плоден терен за национализам и маса народ кој многу лесно се пали на големи идеи во двата етнички блока, но после формирање на Владата се продолжува со иста шема и статус кво кое го гледаме две децении наназад. Сметам дека оваа идеја не е нова и истата се врти во различни периоди, но сепак во конкретниот случај се работи за постигнување на целта за воведување на принципот победник со победник или пак барај повеќе и ќе добиеш тоа што го сакаш, вели Салихи во разговор за „Локално“.
Како што оценува аналитичарот, воведување на принципот „победник со победник“ не значи нарушување на унитарноста на државата и не значи дводомен парламент туку дефакто формирање на Влада од две мнозинства и почитување на гласот на гласачите од двете најголеми етнички заедници во Македонија.
-Сметам дека претсои еден турбулентен политички период во нашата држава до локалните избори и потоа ќе спласне патриотизмот од сите страни и потоа ќе се изнајде решение за блокадата кон нашиот европски пат бидејќи граѓаните заслужуваат подобри услови за живот и подобра преспектива, а не партизација на државата после секои избори. Политичките партии треба едно да сфаќаат дека не се тие државата туку се граѓаните како единстевни носители на сувереноста без разлика дали одредени граѓани во одреден период гласале за една или друга политичка опција. Додека трае партизацијата постојат многу малку надежи за севкупен просперитет во нашата држава, заклучува Салихи.
Претходно, на сепартиски собир на 13 јули, претседателот на ДУИ, Ахмети објави дека контактирал со Вилијамс и му ја објаснил ситуацијата создадена во Македонија по изборите на 8 мај, при што го ангажирал експертот.
Инаку, територијата на Белгија е поделена на три региони, од кои два, фламанскиот и валонскиот регион, се поделени на провинции. Тие се поделени според јазиците. Третиот регион е Брисел-Капитал, кој не е ниту покраина ниту дел од провинција.
Северна Ирска е поинаква. Законот за Владата на Ирска донесен во 1920 година предвидува две делумни самоуправни единици во Ирска, јужниот и северниот дел. Северниот дел има 6 области. Тие веќе не се користат за целите на локалната управа. Наместо тоа, има единаесет окрузи во Северна Ирска, кои беа создадени во 2015 година, заменувајќи ги дваесет и шестте области што постоеја претходно.
Н.П.