ДУИ против предлог-Законот за средно образование поради интонирањето на државната химна

од Nikola Popovski
58 прегледи

Од ДУИ упатија критки за предложениот Закон за измени во средното образование бидејќи, како што велат, наметнува моноетнички решенија и му штети на меѓуетничкиот соживот. Замерките се поради предлогот да се интонира македонската химна во средните училишта.

-Демократската унија за интеграција најостро го осудува изгласувањето на првата фаза од предложениот закон за измени во средното образование, со кој се наметнуваат моноетнички решенија и се нарушува духот на меѓуетничкиот соживот. Овој закон е чекор наназад и неприфатлив за мултиетничка држава како С.Македонија, наведуваат од опозициската партија.

Според нив, уште посрамно е однесувањето на коалицијата ВЛЕН.

-Со негласањето тие молчеа и практично му дадоа поддршка на овој закон. Помеѓу стравот од гневот на народот што толку многу го потцениле и стравот на нивните покровители на ВМРО-ДПМНЕ, тие останаа парализирани. ДУИ ги поддржува акциите на Европскиот Фронт за блокирање на овој закон. Албанците не можат да прифатат одлуки кои ги игнорираат. Решението мора да биде сеопфатно и праведно за сите, се вели во соопштението на ДУИ.

Пред два дена министерката Весна Јаневска истакна дека во моментов ништо друго не се дискутира, освен химната, што, вели дека не е предмет за дискусија.

-Оттука можам да кажам дека е комплимент за Министерството што не е најдена друга маана, но, мислам дека е крајно неразумно да се запре законот кој не е менуван повеќе од 20 години и да не можат да се имплементираат новините кои државата ги очекува. Денес е законот на дневен ред на собраниска седница. Се надевам дека пратениците на ДУИ ќе најдат сили и да ја надминат за нив, политичката вредност кој не е вредност и ќе соберат да го изгласаат законот по второто читање, кажа министерката запрашана дали очекува дополнително да се пролонгира законот за средно образование, со оглед на најавените амандмани од ДУИ.

На почетокот и на крајот од учебната година, при завршувањето на средното образование, при одбележување на патронатот, како и при други прослави, треба да се интонира државната химна. Ова го предвидува новиот Закон за средно образование. Јаневска претходно истакна дека интонирањето на химната не е задолжително. За пуштање на химната ќе одлучуваат институциите под чија капа се училиштата, односно општините и Град Скопје.

Слични содржини